Комерцијална банка за девет месеци прокнижи добивка од 1,7 милијарди денари

34

Комерцијална банка оствари добивка пред оданочување во износ од 1.728.934.000 денари, покажува деветмесечниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во текот на деветте месеци од 2017 година, банката прикажа добивка од 105.970.000 денари.

“Повеќекратното зголемување на финансискиот резултат се должи на интензивните активности на банката за решавање на статусот на должникот Фени – Кавадарци за којшто поради влошување на состојбите во текот на 2017 година беше издвоен значителен износ на исправка на вредност“, стои во Коментарот на неревидираниот и неконсолидиран биланс на успех.

Нето приходите од камати, во периодот јануари – септември оваа година, изнесуваат 1.881.199.000 денари, додека истиот период лани достигнаа вредност од 2.150.411.000 денари.

“Нето приходите од камата претставуваат основна компонента во формирање на вкупните приходи од работење и на 30.09.2018 година истите бележат намалување од 12,5% во однос на истиот период од минатата година што произлегува од намалена состојба на кредити дадени на секторот нефинансиски друштва, како и од континуирано намалување на каматните стапки. планот за анализираниот период е остварен со 95,2%“, стои подолу во Коментарот.

Заклучно со 30-ти септември 2018 година, нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваа 624.133.000 денари.