Комерцијална банка за три месеци прокнижи добивка од 217,5 милиони денари

64

Комерцијална банка, во периодот од први јануари до 31-ви март оваа година, прикажа добивка во висина од 217.549.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, банката оствари добивка во висина од 435.159.000 денари.

“Во периодот од 01.01-31.03.2020 година, Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 217,5 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 435,2 милиони денари што претставува намалување за 50%. Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 44,4%. Намалувањето на бруто-добивката е резултат на поголемиот износ на исправка на вредност на финансиските средства на нето основа, при остварен пораст на редовните приходи од работењето. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 10,3% поголема во однос на истиот период минатата година“, стои во Коментарот на неконсолидираниот биланс на успех.

Нето приходите од камати, заклучно 31-ви март, изнесуваат 611.036.000 денари, додека истиот период нето приходите од провизии достигнаа 225.614.000 денари.

Фото: Pixabay