Комотно на мислите, тесно на зборовите

3

marker

Фото: Pexels

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Многу одамна, кога бев на факултет, имав предмет што се викаше Логика. Предавач беше госп. Митко Илиевски, лесна нека му е земја – починат е 1993 година. Не памтам што точно се обработуваше во тој предмет, ама една реченица на предавачот длабоко ми е врежана: изразувај се (усмено или писмено) така што на мислите да им биде комотно, а на зборовите да им биде тесно. Значи, со малку зборови искажувај многу мисли. Индиректно, ова значи да му се остави на читателот или слушателот доволно простор да вметне свои идеи во она што го чита или слуша.

Секој вработен во компанија, на еден или друг начин, презентира идеи на други. Оние на најдолните рамништа користат молив и парче хартија. Како одите нагоре, средствата за презентирање се множат. Веројатно најраширена практика за тие погорните е да користат компјутери, проектори, електронски табли и хартија на сталак (flip chart). Со еден збор, визуелни помагала. Затоа, темата Комуницирање и презентирање е многу популарна на обуки и семинари. Од она што досега сум го видел, можам да ги наведам следниве грешки на презентерите:

Зборуваат на визуелните помагала. Толку се опседнати со помагалата што забораваат на аудиториумот. Им вртат грб на слушателите, минуваат низ снопот светлина што доаѓа од проекторот, чепркаат по компјутерот барајќи го потребниот слајд.

Го преоптоваруваат аудиториумот со информации. Поради несигурноста во себе и лошото владеење со материјата, ги претрупуваат слајдовите со информации. Одат преку слајдот и читаат, како да слушателите се неписмени.

Неселективно користат визуелни помагала. Некои теми се погодни за користење помагала, ама некои не се. Често, зборување без никакво помагало, е поефектно од најмоќните техники. Зависи од темата и од моментот.

Имам уште многу критики, ама да не претерувам. Еве и неколку сугестии за „како треба“, една презентација која е доволна да покрие едно обраќање од отприлика еден час.

Презентацијата има 5 слајда, организирани со копчиња за навигација.

Принципите на кои е направена презентацијата се:

  • не ставај ниту почетна, ниту завршна страна – објасни со зборови (доколку треба) кој си и што ќе зборуваш.
  • презентацијата треба да биде еластична и во секој момент да може да одите напред-назад (без да буричкате по компјутерот).
  • не користи бои – црно, бело и сиво е неутрална комбинација која не ги дразне очите.
  • не ставај броеви на слајдови, датум, автор, име на компанија, наслов на тема.
  • не ставај во презентацијата она што се нарекува вовед и она што се нарекува заклучок туку само разработка на темата.
  • почетокот и крајот на обраќањето треба да биде без помагала, само со зборување.
  • вклучи го проекторот само за време на обработка на темата, да ги акцентираш главните точки, она што сакаш слушателот да го „понесе дома“.

Верувам дека ќе се сложите оти добра презентација е само алатка која му служи на мајсторот во определена фаза од работењето на производот. Не е и не смее да биде замена за мајсторот. Во спротивно, комуницирањето станува монотоно и безживотно. Нешто што слушателот сака што побрзо да го заборави. Многу зборови, малку мисли.