Компании членки на МАСИТ, наградени со почесната награда Merit Winner Award

6

Во рамки на глобалниот настан WITSA Global ICT Excellence  Awards, компаниите членки на МАСИТ, Nextsense со решението Contact Tracing technology и Elevate Global со решението BAIT, ја добија почесната награда Merit Winner Award во рамки на глобалниот настан WITSA Global ICT Excellence Awards, во организација на WITSA,  а во конкуренција со ИKТ компании од целиот свет. Настанот се одржуваше во Пенанг, Малезија.

Компанијата Некстсенсе беше номинирана со решението: StopKorona! & VirusRadar мобилна апликација, а компанијата Elevate Global со решението – алатка за автоматско предвидување на производство и потрошувачка во енергетската индустрија – BAIT.

“Оваа година, номинациите доставени до WITSA, го опфаќаат целото глобално членство на WITSA, од Нигерија до Бангладеш, од Аргентина до Велика Британија и пошироко. Годинешниот избор на награди се случува во многу уникатно време во историјата. И покрај минувањето низ глобална пандемија, воодушевени сме што ќе можеме да препознаеме некои од најдобрите решенија за ИКТ од владите, институциите, поединците и индустријата “, изјави генералниот секретар на WITSA, Џим Поисант.

Претседателката на WITSA, Ивон Чиу истакна дека во изминатите 20 години откако се одржуваат WITSA Global ICT Excellence  Awards, немале чест и привилегија, да добијат и разгледаат, квалификувани, уникатни и извонредни решенија, какви што добиле оваа година.

МАСИТ како член на WITSA (Светската алијанса за информатички технологии и услуги) ги номинираше пријавените решенија од компаниите членки на МАСИТ до WITSA , a годинава беа објавени следниве категории за номинација: КОВИД-19 технички решенија за градови и локалитети, КОВИД-19 технички решенија за земји или региони, КОВИД-19 најдобри решенија во индустријата, награда за јавно – приватно партнерство, награда за дигитални иновации, решение за одржлив раст, иновативни решенија во здравството, награда за дигитални иновации, и награда за е-образование и учење.

Повикот за учество во изборот беше отворен за сите компании членки на МАСИТ, но и за ИКТ компаниите кои не се дел од МАСИТ, а право на учество имаат сите ИКТ компании кои ќе номинираат готови сопствени решенија, имплементирани кај крајни корисници во Република Македонија.

Светската алијанса за информатичка технологија и услуги (WITSA) е водечки признат меѓународен глас на глобалната ИКТ-индустрија, чии членови од над 80 земји и економии претставуваат повеќе од 90 проценти од светскиот IKT пазар.

Дополнително, во рамки на состанокот на Генералното собрание одржано на 17 ноември 2020 година, WITSA избра свои лидери за членови на Одборот на Директори за мандатот 2020-2022, вклучувајќи 23 директори од четири континенти, меѓу кои и претставникот на Управниот одбор на МАСИТ, Зоран Лазаревски од компанијата АССЕКО СЕЕ.