Компаниите од следната недела ќе може да аплицираат за мерките од четвртиот сет

167

Од почетокот на следната недела компаниите ќе можат да аплицираат за сите мерки од четвриот сет којшто го донесе Владата. По усвојување на ребалансот на Буџетот се очекува да биде изгласан и Законот за финансиска поддршка за исплата на плати и стопанствениците ќе можат да аплицираат за оваа мерка, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата Топ Тема на Телма телевизија.

“Четвртиот сет на мерки веќе почна да се реализира, веќе имавме прилика да објавиме огласи за неколку од мерките кои беа предвидени со четвртиот сет. Секако една од најочекуваните и од работодавачите и од работниците е мерката за финансиска поддршка за исплата на плати. Денес треба да се усвои ребалансот на Буџетот, а во текот на оваа недела ќе се изгласа и Законот за финансиска поддршка за исплата на плати, а имајќи во предвид во соработка и преку инклузивен процес со стопанските комори ги менувавме механизмите и критериумите за оваа мерка, од следната недела компаниите ќе може да аплицираат, не само за оваа мерка, туку и за останатите мерки имајќи во предвид дека голем дел од мерките се спроведуваат преку програми кои што треба да ги донесе Владата и за нив треба да бидат објавени огласи“, кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека четвртиот сет мерки не е задоцнет, а финансиската поддршка ќе стигне навреме, но со оглед на тоа што за разлика од првите три сета, четвртиот сет на мерки се преточени во законски решенија, кои што согласно законските процедури мора да бидат изгласани во Собранието.

“Сега не сме во вонредна ситуација, па да можеме ние како Влада да носиме уредби со законска сила. Треба да се поминат сите процедури во Собранието и ребалансот на Буџетот. Прифативме неколку амандмани и од опозицијата и сакам да ги повикам пратениците да го гласаат ребалансот на Буџетот и другите законски решенија кои се во собраноска процедура се со цел да им излеземе во пресрет на стопанството, на најпогодените компании и граѓани и на таков начин да ја олабавиме економската криза“, кажа министерот Бектеши во Топ Тема.

Во однос на прашањето дали се размислува за повторно воведување на карантин министерот кажа дека во моментот не се размислува за тоа, но доколку има потреба ќе се донесе одлука за затварање на одредени сектори.

“Пристигна до владата предлог за кратење на работното време на угостителските објекти од 23 часот до 21 часот и најверојатно ќе се донесе таа одлука. Во моментов не се размислува за други рестриктивни мерки за затварање на други сектори во стопанството. Но, Комисијата за заразни болести секојдневно ја следи епидемиолошката состојба и доколку треба ќе предложат други мерки. Но, во моментов е важно сите да ги почитуваме мерките, да се носат маски, да се одржува дистанца за да се намали бројот на заразени“, кажа министерот и потенцираше дека податоците од Комисијата за заразни болести укажуваат дека најголем број од новозаразените случаи со Ковид 19 се токму од забави и настани организирани во угостителските објекти.

Министерот најави дека следната година ќе се зајакнат сите инспекторати преку вработување на нови кадри.

“Во овој момент следејќи ги процедурите за вработување на нов кадар и тоа да се вклопи во постоечкиот Буџет е невозможно. Следната година ќе ги зајакнеме капацитетите, не само на Пазарниот инспекторат, туку и на другите инспекторати“, кажа министерот Бектеши.

Фото: Pixabay