Компанија од Нов Зеланд тестираше 4-дневна работна недела

Една компанија во Нов Зеланд направи невообичаен експеримент. Имено вработитените биле ставени на тест да работат само четири дена, а биле платени за петдневна работа. Резултатите се толку успешни, што Perpetual Guardian размислува 4-дневната работна недела да ја воведе постојано, пишува CNN.

Според информациите од компанијата, резултатот од двомесечното испитување покажал дека вработените биле попродуктивни, со подобар баланс помеѓу работата и приватниот живот, како и пониски нивоа на стрес.

Повеќе од 240 вработени во Perpetual Guardian, компанија којашто им помага на клиентите подобро да ги менаџираат сопствените желби и имоти, беа дел од експериментот којшто траеше од почетокот на март до крајот на април.

Истиот беше спроведен од страна на надворешни истражувачи од Технолошкиот универзитет во Оукленд.

Според резултатите нивото на стрес на персоналот се намалило за околу 7%, додека мерките што се користат за мерење на тимскиот ангажман се зголемиле во просек за околу 20%.

Клучот за успехот на експериментот, според истражувачите, е слободата што им била дадена на вработените да ги редизајнираат работите и додаваат дека експериментот може да биде модел за други работни места, како и да стане “револуционерен начин за работа“.

Овој експеримент е особено значаен во Нов Зеланд, бидејќи, според Организацијата за економска соработка и развој, земјата има релативно ниска продуктивност на трудот во споредба со другите земји.

Сопственикот на Perpetual Guardian веќе му препорачал на одборот на неговата компанија четиридневната работна недела да стане постојана.

Фото: Pixabay