
Естонска компанија претрпе огромна штета како резултат на измама позната како BEC (business email compromise – компромитирање на деловна е-пошта), потврди полицијата на која и била пријавена измамата во четврток. Според прелиминарните податоци, износот на штетата е 1,6 милиони евра, пишува Ärileht.
Според првите информации, компанијата добила е-пошта од својот партнер во која било побарано сметките во иднина да бидат платени на друга банкарска сметка. Измамниците ја направиле пораката да изгледа како да е испратена од претставници на партнерска компанија, но всушност станува збор за лажна сметка.
Станува збор за шема во која измамниците влегуваат во електронска кореспонденција или испраќаат фишинг пораки, сметајќи на фактот дека примателот, поради невнимание, ќе поверува во содржината на е-поштата и ќе го изврши бараното плаќање. Тие често се претставуваат како менаџери или вработени и бараат итно да се изврши одредено плаќање.











