Во тек е изградбата на модерната Лимак подземна сообраќајница, како и подготвителните работи за комплексот Limak Diamond. Во истиот реон во завршна фаза е изградбата на хотелот на Лимак, којшто по сè изгледа ќе биде првиот објект којшто ќе биде финализиран во овој дел од градот.
Станува збор за инвестиција на турската компанија Лимак Холдинг на површина од околу 325.000 квадратни метри, а во вредност од над 250 милиони евра, стои во соопштението.
Комплекс, во чија изградба се вклучени повеќе македонски градежни компании, голем број на стручни работници, локални градежни експерти, луѓе од Институтот за сеизмологија, од градежниот факултет што директно придонесува кон ново заживување на градежната индустрија, но овој пат стимулирана од приватен инвеститор. Ефектите се очекува да бидат позитивни и за севкупниот БДП на Република Северна Македонија, каде веќе има значителни приливи на средства, а кои се очекува да бидат интензивирани во периодот којшто следи.
Станува збор за мултифункционален комплекс којшто брзо ќе стане ново културно обележје и симбол на “новото Скопје“ на простор којшто со години наназад беше несреден, неурбанизиран, избегнуван од граѓаните на Скопје.
Кога градежните активности ќе бидат во полн ек, се очекува на комплексот да работат околу 1.200 работници и инженери. Откако комплексот ќе биде завршен се очекува над 2.300 луѓе тука да работат, а над 25.000 посетители на дневна основа да го посетуваат трговскиот центар. Се очекува негова голема популарност во овој дел од Балканот, и истиот да биде посетуван од граѓани од соседните земји.
Со новата, функционална, а истовремено и естетски возбудлива архитектура на ова ново комплексно, хармонично архитектонско дело, Скопје ќе добие ново градско обележје, кое ја реактуелизира разбирливата архитектура и ја обновува врската со пејзажот и контекстот на Старата железничка станица, отворените простори, циркулацијата на движењето, визурите и амбиентот што го опкружува. Комплексот ќе има резиденцијален дел, деловни канцеларии трговски центар, хотел, простор за културни активности сместени во Музејот, места со фина храна, фитнес центар, казино и паркинг .
Лимак Дајмонд, како што се наведува, ќе биде симбол на отвореноста на Скопје, да ја прифати различноста, промената и автентичноста која со години се чувствувала во овој историски дел од градот, каде отсекогаш се мешале енергии, различни култури, религии и народи што поминале низ овие простори.