Комплетирана постапката за продажба на 100% од акциите на НЛБ Нов пензиски фонд

18

prodazba_npf_1Во НЛБ Галеријата во Скопје, на 12-ти овој месец беше потпишан договор за продажба на НЛБ Нов пензиски фонд, пензиско друштво коешто управува со два пензиски фонда во Република Македонија (задолжителен пензиски фонд што е дел од задолжителниот втор пензиски столб и доброволен пензиски фонд што е дел од третиот пензиски столб).

Целосниот износ со којшто управуваат двата фонда во моментот достигнува повеќе од 430 милиони евра. Купувачот на 100% од акциите е групацијата Сава Ре д.д. Љубљана, Словенија. Преносот на акциите ќе се реализира кога ќе бидат обезбедени сите неопходни дозволи од надлежните органи, стои во соопштението.

НЛБ д.д. Љубљана поседуваше 51% од акционерскиот капитал, додека останатиот беше во сопственост на НЛБ Банка АД Скопје, којашто заедно со НЛБ д.д. Љубљана го продаде својот акционерски удел во НЛБ Нов пензиски фонд.

Во име на НЛБ д.д. Љубљана и НЛБ Банка АД Скопје, процесот беше организиран и управуван од НЛБ д.д. Љубљана, од Секторот за корпоративни финансии. Процесот беше спроведен максимално транспарентно. На 17.03.2017 година НЛБ д.д. Љубљанаи НЛБ Банка АД Скопје ја информираа јавноста преку порталите на Словенечката и Македонската берза за започнување на процесот на продажба на НЛБ Нов пензиски фонд и ги повикаа сите заинтересирани потенцијални инвеститори да контактираатсо Секторот за корпоративни финансии на НЛБ д.д. Љубљана.

Бидејќи НЛБ Нов пензиски фонд е стратешки важна компанија за македонскиот пензиски систем, НЛБ Групацијата посвети големо внимание на контролирање на исполнувањето на правните услови за акционерите во македонскиот пензиски систем, од страна на потенцијалните инвеститори. Оттаму веруваат дека новиот сопственик Сава Ре, ги исполнува најстрогите критериуми во овој поглед. Тие се уверени дека новиот сопственик со својата финансиска стабилност, како и експертизата и поддршката на моќната и стабилна Сава Ре Групација, дополнително позитивно ќе придонесе кон интересите на членовите на пензиските фондови управувани од НЛБ Нов пензиски фонд.

“Повлекувањето од сопственоста на НЛБ Нов пензиски фонд во никој случај не значи повлекување од Република Македонија. Напротив, НЛБ Банка АД Скопје останува стратешки член на НЛБ Групацијата, каде што гледаме голем потенцијал за надградба на бизнисот, и со населението, и со корпоративниот сектор. Со Сава Ре, фондот добива соодветен стратешки сопственик од осигурителниот сектор, којшто ќе обезбеди не само стабилност, туку и дополнителен развој на компанијата, како и до сега, во интерес на членовите на фондот. Трансакцијата е уште еден показател за големите словенечки интереси за соработката меѓу пријателските нации и забрзаната асоцијација на Република Македонија во евро – атланските структури“, изјави Блаж Бродњак, претседател на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана.

Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, изјави: “Во рамки на реформите на пензискиот систем во Република Македонија, во 2005 година, НЛБ Банка АД Скопје ги искористи знаењето, моќта и тогашната позиција на пазарот и заедно со НЛБ д.д. Љубљана ја препознавме можноста и го основавме НЛБ Нов пензиски фонд, којшто на наше огромно задоволство прерасна во уште една успешна приказна, покрај успехот на НЛБ Банка АД Скопје. Денес успешната приказна на НЛБ Нов пензиски фонд продолжува, со новиот сопственик Сава Ре, компанија од областа на осигурителниот бизнис, и уверен сум дека заедно ќе постигнеме уште поголеми успеси, раст и развој на пензиското осигурување во Македонија. Велам ’заедно ќе постигнеме’ бидејќи соработката со Фондот во делот на понудата на неговите услуги и понатаму останува достапна преку продажните канали на НЛБ Банка АД Скопје“.

Давор Вукадиновиќ, претседател на Управниот одбор на НЛБ Нов пензиски фонд, изјави: “Пензиското друштво по завршување на процесот на продажба ќе добие стратешки сопственик со големо искуство во осигурителната индустрија, со којшто ќе се продолжи развојот и јакнењето на внатрешните капацитети. Нашата цел останува да бидеме сигурно и доверливо Друштво коешто воспоставува високи стандарди на квалитет во работењето во областа на пензиското осигурување и управување со средствата на своите членови. Со нашата активна работа ќе продолжиме да работиме во интерес на нашите членови со цел понатамошно јакнење на довербата кај осигурениците во производите коишто се значајни за нивната финансиска иднина”.

Марко Јазбец, Претседател на Управниот одбор на Сава Ре, изјави: “Сава Ре ги купува сите акции на пензискиот фонд НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје, остварувајќи стратешки влез на македонскиот пазар на пензиско осигурување. Во согласност со нашата стратегија за развој, ние ја следиме нашата стратегија за раст и визија за градење на група за осигурување фокусирана на клиентите. Ние се здобиваме со важна пензиска компанија со високо ниво на експертиза и бизнис стандарди. Долгогодишната успешна соработка со НЛБ Групацијата на македонскиот пазар ќе продолжи да расте и во иднина. Преку нашата грижа за нашите клиенти, ќе ја одржиме довербата на компанијата на високо ниво и ќе ја подигнеме свеста за важноста на пензиското осигурување“.