
Европските берзи во подем: Намалување на каматните стапки од ЕЦБ донесе оптимизам
Во изминатата недела американските берзи забележаа пад, додека европските пазари на капитал остварија раст, поттикнат од намалувањето на каматните стапки од страна на Европската централна банка.
На Волстрит индексот Дау Џонс падна за 2,7 отсто, завршувајќи ја неделата на 39.142 поени. S&P 500 загуби 1,5 отсто, на 5.282 поени, додека технолошкиот Nasdaq индекс забележа пад од 2,6 отсто, на 16.286 поени.
Најголеми губитници во неделата беа акциите на производителите на чипови, особено откако Nvidia – водечкиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција – објави дека американските ограничувања за извозот на одредени чипови во Кина и други земји може да резултираат со загуби од околу 5,5 милијарди долари. Падот на вредноста се одрази и на другите технолошки компании во секторот.
Тензиите меѓу САД и Кина ја зголемуваат неизвесноста и засега нема знаци на попуштање на двете страни.
„Фирмите почнаа да известуваат за влијанието на тарифната војна, што дополнително ги вознемирува пазарите“, рече Бил Нортеј од У.С.
ФЕД чека нови показатели
Претседателот на американската централна банка, Џером Пауел, предупреди дека царините може дополнително да ја поттикнат инфлацијата, додека економскиот раст би можел да забави. Тој посочи дека ФЕД ќе чека дополнителни економски податоци пред да одлучи за понатамошни потези со каматните стапки.
Поради ваквите изјави, стивнаа очекувањата на инвеститорите дека наскоро може да дојде до намалување на каматните стапки во САД, што ќе го поттикне економскиот раст.
„Пауел го потврди она што инвеститорите се плашат – дека трговската војна може да го намали растот и да ја одржи инфлацијата висока“, рече Сем Стовал од CFRA Research.
Како последица на тоа, кварталните деловни резултати на американските компании паднаа во втор план, бидејќи се однесуваат на периодот пред воведувањето на новите царини, додека инвеститорите се повеќе заинтересирани за долгорочните ефекти од актуелните трговски конфликти.
Европската централна банка дополнително ги намали каматните стапки
За разлика од американскиот пазар, европските берзи неделата ја завршија со раст. Лондонски FTSE порасна за 3,9 отсто, на 8.275 поени, франкфуртски DAX за 4,1 отсто, на 21.205 поени, додека париски CAC зајакна за 2,5 отсто, на 7.285 поени.
Европската централна банка очекувано во четвртокот по трет пат годинава ги намали клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, сакајќи на тој начин да ја поддржи економијата во услови на глобална неизвесност предизвикана од трговските тензии.