Ковачевски: Ќе ја смениме праксата инвестиции на хартија

36

Тековните потреби и понатаму ќе се сервисирааат непречено. Во најголема криза пензиите ги исплаќавме порано, редовно се исплаќаат платите и не се доцни со обврските. Тие ќе се сервисираат редовно и навремено и догодина. Предлог-буџетот за 2021 година би го опишале пет збора- реален, стратешки, ревитализирачки, развоен и транспарентен.

Ова во интервју за МИА го истакнува заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, кој потенцира дека во наредната година ќе се смени децениската пракса наназад од „инвестиции на хартија“, односно дека идејата не е само да се стават бројките на хартија, туку и да се види и квалитетот на проектите, односно нивното влијание врз економјата и растот.

“Решени сме да ја смениме децениската пракса наназад од „инвестиции на хартија“. Tоа ќе го направиме преку мерки со кои ќе се „поттурнат“ институциите да имаат подобар перформанс. Првиот од тие механизми е токму повеќегодишната рамка, со која ќе се обезбеди подобро планирање на вакви крупни проекти, кои се протегнуваат во повеќе фискални години и еден од проблемите досега е што ја немаше таа рамка“, појасни заменик-министерот.

Тој додаде дека е предвидено воспоставување механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи.

“Така, буџетските корисници со Предлог-законот за извршување на буџетот за 2021 година се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40 отсто, со третиот најмалку 65 отсто, согласно законот за извршување на буџет 2021. Од оние кои нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде има подобра реализација“, истакна Ковачевски.

Напомена дека ќе се ќе се поддржат крупни капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина, кои имаат повеќегодишна рамка.

За здравството, како врвен приоритет во буџетот за 2021 година, предвидени се 663,7 милиони евра и се за 40 милиони повеќе во однос на иницијалниот буџет за годинава. Покрај превентивните и куративните здравствени програми, предвидени се и инвестициски проекти како изградбата на Универзитетски клинички центар во Скопје, реконструкцијата и доградба на Регионална Клиничка болница Штип, како и Проектот за итно справување со КОВИД 19.

Најавува дека во наредниот среднорочен период ќе се фокусираат на намалување на тековните расходи, така што ќе се направи рационализација на истите, дека се очекува на среден рок јавниот долг да се сведе на 58,8 отсто или под Мастришкиот критериум, а многу скоро и се очекува и реализација на мерката од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани, со која се доделуват 6.000 денари еднократно на околу 300000 граѓани.

“Законот e одлучено да оди по скратена постапка во Собрание и очекувањата се дека набргу ќе се донесе. Со оваа мерка освен поддршката кон ранливите категории на граѓани, како пензионерите, самохраните родители, децата без родители – ќе се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период и на тој начин ќе се делува на радвижување на економската активност“, рече заменик-министерот во интервјуто за МИА.