Ковид-19 го забрзува растот на е-трговија

75

Компаниите се адаптираат и отвoраат нов продажен канал за полесен пристап до потрошувачите, справување со намалениот промет на физичките локации, како и зголемување на конкурентноста и пристап по поголем пазар, напиша министерката за финансии, Нина Ангеловска, на својот Facebook.

Е-трговијата евидентно е во пораст со Ковид-19 пандемијата. Значајно расте бројот на нови е-продавници и е-трансакции. Само во март 2020 има отворено скоро еднаков број на е-продавници, како за цела 2019 година. Но, значајно расте и бројот на нерегистрирани продавачи.

Е-трговијата, како што наведува Ангеловска, нуди можности, но носи и нови предизвици, како за компаниите кои треба да стекнуваат нови вештини и да градат нови капацитети, така и за институциите. – во поглед на борбата против сивата економија, но и заштита од нелојална конкуренција на компаниите.

Вo Министерство за финансии уште пред кризата е изготвен предлог акциски план за борба со сивата економијата, во којшто е воведен посебен дел наменет за сивата економија во е-трговија, којшто вклучува активности за системски решенија, градење на капацитетите на институциите и кревање на свеста кај граѓаните.

“На кус рок ќе ги зајакнеме расположливите институционални механизми и контроли со цел да се намали сивата економија, додека на среден рок потребна е законска рамка за е-трговија која ќе ги постави јасно правилата со цел – од една страна да се заштитат потрошувачите и нивните права, а од друга страна фер конкуренцијата на пазарот и наплатата на давачките во државната каса“, напиша Ангеловска.