Креативците денес “гледаат“ низ очите на купувачот

407

Многу нешта се променети во креативната индустрија во последните неколку години, а една од поважните е тоа што креативците денес “гледаат“ низ очите на купувачот. За своето искуство, промени во маркетинг индустријата, неговите најдобри достигнувања досега… За сите овие работи со нас разговараше Еран Нар, креативен директор на GITAM BBDO од Израел.

Бизнис Инфо: Имате 15-годишно искуство во креативната индустрија. Колку многу се промени начинот на којшто компаниите го градат својот бренд?

Мислам дека главната разлика во начинот на којшто функционира креативната индустрија е тоа што порано фокусот беше ставен на самата себе и се работеше на градење индивидуална слика и вредност на брендот. Денес, работите се променети бидејќи ‘креативците’ сега гледаат низ очите на купувачот, неговите навики и начин на размислување. Сите активности се насочени кон грижата за брендот и со сигурност да се утврди дека портфолиото на производи што се нудат е со соодветен квалитет. Секој од овие чекори можат да обезбедат различно “креативно извршување“ од кампања до продажба.

Бизнис Инфо: Досега сте работеле за познати глобални брендови како што се Mazda, Audi, Carlsberg, Unilever… Како е да се работи со такви компании и на што се подготвени за да создадат цела империја од својот бренд?

Не постои унифициран одговор за сите. Ниту еден глобален бренд не се однесува исто како другите, па според мене ова не ера на “големи империи“. Бидејќи не секој бренд се однесува, не преживува, ниту не се развива со исто темпо. Постојат мега глобални брендови кои лесно можат да се прилагодат на промените што ги носи времето, па работата со нив оди лесно. Некои брендови се осудени на “пропаст“ бидејќи не можат да се прилагодат. Секако, постојат и брендови кои се соочуваат со различни промени, на пример, социјална или потрошувачка “револуција“ или се под некоја закана што доаѓа од земјата во којашто работат.

Бизнис Инфо: Доаѓате од Израел, земја што е позната по силен и иновативен екосистем. Кои се најголемите предизвици за да се развиен бренд од самиот почеток или да се работи со некој што е веќе познат?

Кога зборуваме за маркетингот во Израел, не може фокусот да се стави само на иновациите и силната старт – ап сцена, бидејќи важно е да се земат предвид потрошувачите во земјата и како се менуваа нивните навики во последните неколку години, особено покрај големите социјални протести што се случуваа во земјата во 2011 година. Компаниите станаа свесни дека мора да ги следат резултатите од маркетинг истражувањата, бидејќи Израелците сега имаат повисоки барања од кога било. Брендовите кои ги користат бенефитите од иновациите, можат полесно да ги разберат потребите на потрошувачите и да им обезбедат соодветни производи и услуги. Па така, покрај големите имиња како што е Shufersal (најголем малопродажен синџир во Израел) и Lemonaid (компанија за дигитално осигурување), се развиваат помали брендови што иако се мали носат вистинска револуција во секторот осигурување во последните години.

Бизнис Инфо: Дали имате некоја награда на којашто сте посебно горд?

Во 2012 година, со неколку кампањи се обидував да ги убедам луѓето да го пијат “најсилното кафе што некогаш било направено“ и да го пробаат автомобилот “што ја донесе технологијата на иднината“, а во исто време морав да ја водам една од најзначајните рекламни проекти во мојата кариера – The Blood Relations, проект што немаше цел да донесе мир на Блискиот Исток. Проектот беше воден од она во што силно верувам, одржлив мир што треба да произлезе од природните процеси и меѓусебното почитување меѓу луѓето, без оглед на нивната политичка припадност. Хуманоста и интеракцијата меѓу луѓето – тоа беше главната цел на кампањата. Од тоа произлезе создавањето на заедничка банка за крв за Израелци и Палестинци, имајќи предвид една мисла – никогаш не би сакале да убиете некој чија крв тече по вашите вени. Во овој проект, чувството на гордост и задоволство доби сосема поинаква димензија. Има една сцена што нема никогаш да ја заборавам, а тоа кога еден поранеше борец на израелските елитни единици и поранешен борец на палестинското движење за национално ослободување, лежеа еден покрај друг поврзани со цевки што водат до пумпа што ја влече истата крв. Момент што не се заборава.

Бизнис Инфо: Според вас, во која насока ќе се движи креативната индустрија во следната декада?

Креативната индустрија се наоѓа во клучен момент. Од една страна, тука се Y и Z генерациите што носат различни промени. Од друга страна, тука е финансискиот аспект што бара работа на неколку сегменти во исто време и поминати подолги часови на работа. Тоа, од една страна, носи поголема вредност за клиентите, но состојбата со агенциите оди во надолна линија. Според мене, големите агенции ќе преживуваат, бидејќи имаат капацитет да се прилагодат на потрошувачите и да остварат помал профит, а агенциите ќе мора да бидат инвентивни и да смислат нови и иновативни начини за да се задржат на пазарот.

Бизнис Инфо: Какво беше вашето искуство на годинешниот Golden Drum?

Беше одлично и забавно искуство. Ако има нешто што е важно за нашата работа тоа е локалниот дух. Секогаш имаме тенденција да гледаме што се случува во странство, што е направено во САД, Бразил… Но, она што е правилно е да се поврзе брендот со предизвиците на локално ниво и од таму да се поврзе со она што доаѓа од поднебјето, што ќе значи поголема посветеност со потрошувачот.