Кредитниот рејтинг на Македонија стабилен според Фич

20

fitch-ratings_g Кредитната агенција Фич во најновиот извештај го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија на ББ+ стабилен. Ова, според Министерството за финансии, е големо признание за економските политики и воопшто политиките што се спроведуваат во земјава.
Потврдата на стабилниот кредитен рејтинг на Македонија доаѓа во време кога се намалува рејтингот на силни економии како Русија, Турција, Србија, Хрватска…
Во извештајот е нотиран умерениот буџетски дефицит, како и нискиот државен долг. Како што истакнува агенцијата, државниот долг ќе се задржи на умерено ниво од 36% до 37% до 2015 година.
Агенцијата забележува дека Владата продолжува со капиталните инвестиции и дека странските инвестиции растат и значително придонесуваат за раст на извозот, што води до потврда на проекцијата на Владата за раст од 3,5% на економијата за 2015.
Во однос на бизнис климата, во извештајот се наведува дека Македонија се истакнува во условите што ги нуди за водење бизнис.
За банкарскиот сектор кредитната агенција оценува дека е добро капитализиран, а државната валута стабилна.