КулТИП: Работилница за иновативни технологии во културата

23

Работилница за иновативни технологии во културата КулТИП- култура, технологии, иновации и претприемништво, денеска беше организирана од Британскиот совет во Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

„Главната идеја е да ги споиме и зближиме студентите од техничкиот кампус, со претставници кои ја креираат политиката на културните институции, се со цел да направиме нешто со кое што ќе ја смениме перцепцијата за културата во Македонија“, изјави Владимир Трајковиќ, професор од ФИНКИ.

Настанот е дел од активностите на Британскиот совет во Македонија за развој на креативните индустрии.

Според директорката на Британскиот совет, Елеонора Запрова, во изминатите две години интензивно работат на развој на креативните индустрии и за таа цел соработуваат со Министерството за култура и со други институции.

„Целта на проектот на Британскиот совет е да ја мотивираме соработката помеѓу институциите во развојот на креативните индустрии и со овој настан активно се вклучува и Универзитетот Св. Кирил и Методиј, односно ФИНКИ. Прво го доближуваме концептот на креативните индустрии до студентите и им овозможуваме да дознаат нешто повеќе како тие можат со иновации и технологија да му помогнат на културниот сектор во неговите заложби да привлече повеќе публика, дигитализација на културното богатство во Македонија и да се зајакне воопшто соработката помеѓу културниот и образовниот сектор“, рече Запрова.

На денешниот, промотивен настан на КулТИП, учествуваа претставници на културни институции и оператори (музеи, архиви, галерии, театри, мултимедијални центри…), како и претприемачи, стартап-компании, асоцијации и студенти.