Купувањето преку интернет во земјава два и пол пати под европскиот просек

22

Фото: Pixabay

Купувањето преку интернет во земјата станува сè позастапено, при што процентот на население во земјата кое купува преку интернет се зголемува од 5% во 2012 година на 25% во 2018 година. Сепак, ова ниво е речиси два и пол пати под просекот на ЕУ, иако 81% од населението во Северна Македонија користело интернет, што е релативно близу до просекот на ЕУ од 87%, покажуваат податоците на Народна банка.

Во период од шест години (од 2012 до 2018 година), како што се наведува во извештајот, се забележува значително зголемување на учеството на населението во ЕУ што купува преку интернет за 16 проценти поени и достигнува 60% од населението кое користело интернет во 2018 година. Слични тенденции се забележуваат и во земјава, каде што процентот на население кое користи и купува преку интернет се зголемува.

Во европски рамки, интернет купувањата забележуваат пораст кај сите возрасни групи. Во текот на минатата година, возрасните групи од 25 до 34, од 16 до 24 и од 35 до 44 години имале највисок процент на интернет купувачи во ЕУ, додека во земјава најмногу преку интернет купувале лица од 35 до 44 години.

Жителите на Северна Македонија купуваат поретко и трошат помалку пари на интернет во споредба со земјите од Унијата. Најголем број од купувачите преку интернет во земјава или 12% направиле едно до две купувања во текот на минатата година, додека во ЕУ подеднакво учество имаат купувањата во категориите едно до две и три до пет купувања со 17%.

Најголем дел од оние кои купувале преку интернет во земјава, потрошиле помалку од 50 евра за купување производ или услуги на интернет, додека просекот во ЕУ се движи меѓу 100 и 500 евра.

Македонците најчесто купуваат облека и спортска опрема на интернет, додека кај жителите на земјите членки на ЕУ постојат различни варијации (од облека, спортска опрема, до патувања, хотелски аранжмани, производи за домаќинство, билети за настани, списанија, книги и слично).

Анализата покажува дека најзначајни причини поради коишто луѓето не сакаат да купуваат преку интернет, се тоа што сакаат лично да пазарат и да го видат производот, безбедносниот аспект на плаќањето, недостиг на соодветно знаење и вештини за вршење на плаќањата, немање платежна картичка и недоверба дали купените производи ќе бидат испорачани. Од таа причина, неопходна е поголема едукација на населението за да се надминат сите бариери поврзани со електронската трговија.