Land Rover потврди нов, уште поголем Defender 130

38

Новиот Land Rover Defender се соочи со добар прием на пазарот, со што очекувано, британската компанија одлучи да ја прошири поставата во иднина.

Со оглед на добрата продажба со која се соочи, новата генерација на Land Rover Defender ќе добие и уште една верзија во својата постава. Извршниот финансиски директор на Jaguar Land Rover, Ејдриен Мардел потврди дека наскоро ќе биде претставен и уште поголем модел наречен Defender 130, кој ќе биде лансиран во следните 18 месеци, пренесува Automotive News Europe.

Вестите за ваков модел првично се појавија во 2019 година, кога фотографии од презентациите “протекоа“ онлајн. Во тоа време Defender 130 беше планирано да биде претставен во август 2020 година, но моделот беше откажан, најверојатно поради последиците од пандемијата на коронавирусот.

Но, без оглед на причината за одложувањето, според она што го откри тогашната презентација, Defender 130 ќе пристигне со осум седишта и ќе се одликува со должина од 5.100 милиметри, додека меѓуосовинското растојание ќе изнесува 3.022 милиметри. Иако меѓуосовинското растојание останува како кај Defender 110, Defender 130 ќе биде 342 милиметри подолг.

Дополнителната должина би требало да резултира со поголем простор во третиот ред, со што Defender 130 би требало да биде попривлечен за семејствата. Land Rover Defender 110 исто така нуди трет ред седишта, но кај овој модел просторот за нозете е само 521 милиметри.

Кога станува збор за моторните единици, новиот Defеnder 130, кој во поставата ќе се приклучи на традиционалните 110 и 90, ќе се потпре на истите агрегати кои ги користат и овие две верзии, вклучително и неодамна претставениот 5,0-литарски V8 мотор, a компанијата се уште не се откажува ниту од пикап верзија, но за тоа засега нема никакви поконкретни информации.