Летно бизнис патување во Македонија – настан што ги поврзува младите иселеници со можностите за соработка во Македонија

4

4iqthjvtcdvk8muhhfug

Македонија2025 го организира второто издание на летното бизнис патување во Македонија, наменето за млади професионалци од дијаспората (16 – 28 јули). Претседавач на програмата е господинот Живко Мукаетов, кој е член на одборот на директори на Македонија2025, стои во соопштението.

Како што објаснува самото име, програмата се состои од два дела, бизнис – односно професионална пракса, и патување. Од организацијата велат дека оваа иницијатива има за цел да им даде една нова перспектива на младите иселеници, повторно да ги поврзе со нивните корени, како и да изгради темели кои ќе поттикнат соработки помеѓу Македонија и земјите од каде доаѓаат учесниците.

Минатата година програмата ја искористија шест млади со македонско потекло кои живеат во САД, Австралија, Германија и Франција, кои добија еднонеделно практично работно искуство во неколку компании и организации во Македонија. За време на престојот, групата имаше можност да ја обиколи Македонија, да посети знаменитости, како и да ја искуси Македонската кујна и да присуствува на низа настани за вмрежување.

Оваа година како дел од професионалното искуство, групата ќе присуствува на средби со познати претприемачи и извршни директори од Македонија, како и на еднонеделно стажирање во компании што одговараат на амбициите на учесниците.

Со комплетирање на практичниот дел започнува вториот сегмент од патувањето низ Македонија, кое ќе стартува во Охрид, каде групата ќе ги посети најзначајните знаменитости на градот. Од Охрид, преку националниот парк Галичица, групата ќе го посети Отешево и Стење на Преспанското езеро, каде домаќин ќе биде наш инвеститор од дијаспората. Следниот ден е наменет за посета на селото Брајчино, а потоа и Битола, каде ќе се одржи работен состанок со членовите на Македонија2025 и инвеститори од дијаспората, а потоа следува и прошетка низ градот. Предвидено е групата да патува и до историското Крушево, каде ќе се посетат знаменитостите Македониум и Мечкин Камен, а следното утро се заминува за винарска визба каде ќе се дегустираат квалитетни Македонски вина и јадења. Со тоа завршува и самото патување, со што учесниците и нивните домаќини од Македонија2025 се враќаат во Скопје.

Од организацијата ги покануваат сите луѓе што имаат свои роднини и пријатели иселеници да ја пренесат оваа порака до нив, и да ги поканат во Македонија на практично и забавно патување и дружење. Повикот за апликации истекува на 15-ти јуни, а турата трае од 16 до 28 јули.

*Македонија 2025 може да обезбеди надомест за патни трошоци за физички лица со ниски примања. МК2025 ќе го покрие и трошокот за сместување во времетраењето на програмата.

Аплицирајте на https://goo.gl/forms/eJQjLIVEuzeJqSHV2