Лидер

95

lider-4-pixabay

Фото: Pixabay

Лидерот зрачи со харизма, позитивен став, способност да привлече луѓе околу себе, да инспирира, мотивира и да ја заврши работната задача со минимален или без отпор од своите соработници. Но, ајде малку подлабински да ги анализираме карактеристиките на лидерот, во функција на интензивирање на раст и развој на бизнисот.

Натпросечна добивка и брз раст. За разлика од многу менаџери кои размислуваат како да ги остварат планските параметри поврзани со добивката и растот, а се над тоа се го сметаат за неверојатен успех, лидерот првенствено размислува за натпросечна добивка, која овозможува проширена репродукција на ангажираните ресурси, како и брз раст, кој овозможува лидерска позиција на пазарот.

Промени. Лидерот постојано бара промени во делувањето, ги предизвикува и се соочува со истите, како и ја предизвикува постојната состојба во која се наоѓа бизнисот. Тој на промените гледа како на можност за унапредување на бизнисот, извор на нови натпросечни резултати и успех.

Грешки. За разлика од менаџерот кој постојано внимава да не направи грешка, како и да не погрешат вработените во бизнисот, лидерот дозволува и охрабрува вработените да погрешат, но во пропорции кои нема да го загрозат работењето на компанијата. Од грешките ги зема предностите и ефектите, како насока за поголема внимателност во иднина, но и како генератор на нови идеи и механизми за стабилност на бизнисот.

Рамноправна партиципација. Лидерот овозможува еднаквост и рамноправност на секој член на тимот. Идејата по дефиниција не е само на првиот човек, но таа често потекнува од соработниците. Секој член може слободно да даде идеја, да осмисли начин на нејзина реализација, како и да ја понесе заслугата за успешно спроведената идеја.

Резултати, а не процеси. Менаџерите инсистираат на процеси, лидерите на резултати. Не е важно како се работи, но што се сработува. Додека класичните раководители инсистираат на формални процедури, постапки и прописи, лидерот се фокусира на резултатите, а секој член на тимот има слобода во начинот на организирање и реализација на задачите.

Самоконтрола. Внатрешниот фокус на контрола, односно самоконтролата, е единствениот начин на кој функционира тимот кој е раководен од личност со лидерски карактеристики. Секој поединец знае дека неговиот придонес е клучен за севкупните резултати и самиот си поставува внатрешен контролен механизам за да ја заврши работата како што треба. Нема потреба некој друг да му каже што и како треба да работи.

Визионерство. Наместо стратешка перспектива на бизнисот, лидерот гледа многу подалеку и подолгорочно – во предвид ја има визијата на бизнисот, која постојано го води низ работата.

Оригиналност. Менаџерите во најголем дел наликуваат едни на други, но лидерите се разликуваат меѓу себе. Тоа е резултат на различните персонални карактеристики кои ги издвојуваат од средината, но и прават секој лидерски стил на раководење да биде поразличен.

Креативност и иновации. Потпирањето врз креативноста и иновирањето, се значајна карактеристика на лидерот. Тој инсистира на креативно размислување и иновативност, кои овозможуваат долгорочност и успех на бизнисот.