Во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), вчера во М6 Едукативен Центар, Скопје, се одржа 7-та меѓународна конференција за човечки ресурси и HR EXPO на тема HR Experience & Innovation.
На конференцијата зборуваа некои од најдобрите HR менаџери од регионот, кои се осврнаа на иновативноста на вработените, иновативноста на компаниите, лидерство преку коучинг, диверзитетот, HR практиките, предизвиците со кои се соочуваат HR лидерите и организициите. Свои искуства со присутните споделија Михаела Смадило, Global Business Leadership Partner, IBM Хрватска, добитник на наградата Prometheus HR Manager of the Year 2014; Весна Водопивец, директор за HR на НЛБ Словенија; Јоке Ланд, психолог и NLP мастер тренер од Bureau Land & Partners, Холандија, која зборуваше на тема Лидерство и коучинг; д-р Лесли Самози од The University of Sheffield International Faculty, City College се осврна на темата Diversity Management, а како практично се менаџираат различностите во SAP, Бугарија, зборуваше Корнелија Венева, HR менаџер и бизнис партнер за југоисточна Европа и добитник на наградата HR manager of the Year 2014.
На Конференцијата, МАЧР го прогласи менаџерот на годината, а оваа година титулата ја понесе Никола Ефтимов од Алкалоид.
“Треба секогаш да имаме на ум дека со тоа што имаме задача да креираме системи за поуспешно функционирање на компаниите, преку градење на луѓето во компанијата, да градиме и сет на вредности. Овие вредности треба да ги аплицираме и да бидеме принципиелни кон нивно почитување и имплементација, затоа што така ќе овозможиме генерациите што доаѓаат да ги почитуваат и компаниите да се залагаат за нивно вклучување во работата”, рече Ефтимов.
Наградата на Ефтимов му ја врачи минатогодишниот добитник Магдалена Славејкова, менаџер за човечки ресурси во Цементарница Усје АД Скопје, а честитки прими и од претседателот на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Христина Лозаноска.
За најиновативен HR менаџер на годината беше прогласена Искра Трајкоска од Лакталис МК. Наградата за најдобар HR есеј за 2015 ја доби Елица Перчинкова од Агенцијата за електронски комуникации, за есејот на тема “Управување со талентите во услови на доверба – предизвик и можност за развој на компаниите”.
Во рамките на конференцијата се одржа и HR EXPO каде што компании, центри за обука и консултантски куќи, агенции за посредување при вработување, ИТ компании и други имаа можност да ги претстават своите услуги пред бројните учесници и претставници на бизнис секторот.
Македонската асоцијација за човечки ресурси е основана во 2009 година, а нејзина главна мисија е да ја поддржува и развива професијата управување со човечки ресурси и да придонесува за унапредување на нејзиниот статус.