Македонија би требало 2014 година да ја заврши со странски инвестиции од 350 милиони евра

30

Очекувањата се дека Македонија ќе ја заврши 2014 година со 350 милиони евра странски инвестиции. Ваквото зголемување во однос на лани, како што изјави денеска министерот за економија Ваљон Сарачини, се должи на поголемиот интерес кај вложувачите поради добрата бизнис-клима, но и зголемувањето на капиталните инвестиции во инфраструктурата.
“Во 2013 странските инвестиции придонесоа да се реализира извоз од 760 милиони евра, што е 25% од вкупниот извоз на Македонија или 20% повеќе од извозот во 2012 година”, истакна Сарачини по денешниот состанок со Советот на странски инвеститори во Стопанската комора.
Дополнителна придобивка од странските вложувачи, додаде, е диверзификацијата на извезените производи.
“Последниве години Македонија, освен производи од металната, текстилната и хемиската индустрија на странските пазари пласира и катализатори, автобуси, како и други производи со додадена вредност”, нагласи Сарачини и подвлече дека државата не прави разлика и подеднакво ги третира домашните и странските инвеститори.
Странските инвеститори, како што изјави претседателот на Советот Хуан Педро Хименез Наваро, немаат големи проблеми во работењето тука, но се уште се соочуваат со одредени потешкотии од аспект на административните постапки, правните прашања и човечките ресурси.
“Постои голем интерес за соработка со македонските компании, но во тој процес мора да функционираме како партнери”, порача Наваро.
Според него, ќе се прави база на податоци со список на македонски фирми, потенцијални добавувачи на странските вложувачи во земјава.
На денешниот состанок во Комората, освен што биле отворени низа клучни прашања, е договорено и што поскоро завршување на Белата книга која треба да ги содржи сите сугестии и предлози на инвеститорите за подобро работење.