Македонија далеку од просекот на ЕУ – До високи приходи ќе требаат децении, сè зависи од продуктивноста

Светска банка предупредува дека без забрзан економски раст, на Македонија ќе ѝ бидат потребни 30 до 70 години за да го достигне европскиот просек на приходи по глава на жител. Патот кон висок доход води низ подобро образование, поконкурентна економија и поефикасно користење на енергија.

Планот на Владата за зголемување на приходите по глава на жител на 10.000 долари ќе зависи од стапката на раст, а за повисоки приходи треба да се работи на квалитетно образование, конкурентно опкружување и поголема енергетска ефиканост, оцени денеска Иваило Изворски, главен економист на Светска банка за Европа и Централна Азија.

– Зависи сепак од стапката на раст, ако е многу голема стапката на раст, отприлика 10 проценти, тогаш БДП се удвојува за седум години, така што сегашните 8.000 – 9.000 евра може да се достигнат 17.000, а до 10.000 може да се стаса за многу пократок временски период и сето тоа ќе зависи од стапката на раст – рече Изворски на новинарско прашање  пред презентацијата на Извештајот на Светска банка „Поголеми височини, Раст кон високи приходи во Европа и Централна Азија“ во Скопје.

Прашан за колку години македонските граѓани би го достигнале просекот на ЕУ во приходи по глава на жител посочи дека тоа зависи од стапката на раст на продуктивоста.

– Ако таа стапка на раст е еднаква на она што било во почетокот на 2000- те години може да биде многу побргу. На пример, ако земеме 36.000 по глава на жител во Западна Европа и Европската унија и 8.000 до 9.000 БДП по глава на жител тука, ќе треба зголемување до четири пати за да се достигне истото ниво и ако имаме побрза стапка на раст тогаш 30 до 40 години, а ако имаме побавна стапка на раст како во изминатите пет до шест години тогаш тоа може да биде 60 до 70 години – рече Изворски.

Според него, државава со просечните приходи од околу 8.000 до 9.000 евра по глава на жител за да достигне статус на земја со високи приходи мора да направи неколку работи, а правата е многу поголем квалитет на образованието.

– Како што се зголемува нивото на приходи потребни се луѓе со подобри вештини, поголема иновативност, претприемништво, така што поквалитетно образование за сите земји од Европа и Центрачна Азија е императив. Наместо тоа, она што можеме да го забележиме кога го гледаме образованието е дека во земјите од Европа и Централна Азија се поминува од три до четири години помалку во образование отколку во земјите од Источна Азија или три години помалку од западниот свет, така што даночните обврзници плаќаат за образование од 13 години меѓутоа добиваат три до четири години помалку – рече Изворски.

Втора работа, дополни, е деловото опкружување, односно конкурентското опкружување неопходно за развивање и работа на бизнисите и компаните. Во овие земји вклучително и земјите на Западен Балкан конкуренцијата не е многу добра. Поради тоа новите компани кога ќе влезат на пазарот и ќе почнат да водат бизнис не можат да растат многу и бргу во споредба да речеме со САД или Германија без оглед дали се работи за немање доволно финансии, други ресурси, за немање доволно квалитетен персонал или иновативност, конкурентно опкружување кое би ги туркало напред, посочи економистот на СБ.

Третата тема на која се укажува со Извештајот на СБ е за користењето на енергијата односно постигнување што поголема енергетска ефиканост.

– Во земјите од овој регион се користи многу помалку енергија по поединец отколку во Западна Европа. Меѓутоа, и покрај тоа што се користи многу помалку енергија по глава на жител, се користи многу повеќе енергија по единица БДП. Гледате каква контрадикција е тоа, иако користиме помалку енергија по глава на жител, се користи трипати повеќе енергија пе единица БДП отколку во земјите на Западна Европа и Европската унија. И ако се намдине ова и се постигне поголема енергетска ефикасност тоа ќе доведе до поголема профитабилност за деловните субјекти кои работат, помали тришоци за граѓаните и помалку субвенции бидејќи многу земји даваат субвенции на енергетските производутели така што во овој случај би давале помалку – рече Изворски.