Македонија доби „Училница на 21-от век“

39

Овој едукативен центар е донација од страна на компанијата Стелџес од Велика Британија за Министерството за образование и наука на Р. Македонија во вредност од 60.000 евра. Целта на овој едукативен центар е да обезбеди интерактивна технологија и простор за обука и професионален развој кој ќе биде достапен за сите образовни институции во Р. Македонија и ќе поттикне поголема примена и вклучување на интерактивните технологии за подобрување на наставниот процес. Голем дел од технологијата која е инсталирана во едукативниот центар на ФИНКИ е дизајнирана за да им помогне на децата со специјални потреби и деца кои имаат потешкотии со учењето помагајќи го нивниот развој преку внесување на повеќе интеракција, мотивација и забава во училниците. Соработката со Стелџес исто така ќе придонесе за остварување на поголема соработка помеѓу академските институции од овој регион и Велика Британија.

“Воведувањето на СМАРТ интерактивните табли означува чекор напред во процесот на образование во училиштата кој создава една модерна образовна средина каде учениците и наставниците можат слободно да соработуваат и комуницираат, да развиваат критичко размислување и вештини за решавање на проблеми, и сето тоа на еден многу забавен начин. Создавање на една ваква образовна средина ќе и помогне на Македонија да стане дел од светските  иновации“ – изјави Мари Бојмалиева, регионален директор за Јадранскиот регион од Стелџес и раководител на секторот за обуки во Велика Британија.
Интерактивните производи на компанијата СМАРТ, која е водечки производител на интерактивна образовна технологија во светот, имаат добиено многу награди и признанија поради тоа што им помогнале на наставниците преку користење на интерактивни технологии во своите предавања да внесат повеќе интерактивност, менувајќи го процесот на учење и предавање со што учениците се повеќе ангажирани на часот и постигнуваат подобри резултати.
Компанијата Стелџес која е дистрибутер за производите на СМАРТ во Велика Британија и Јадранскиот регион, покрај едукативниот центар во Р. Македонија, предвидува изградба на уште четири вакви едукативни центри во регионот, преку кои со поголема примена на интерактивните технологии ќе придонесе за унапредување на образованието.