Македонија ги претставува своите туристички потенцијали во Гетеборг

21

Македонија по трет пат ги претставува своите туристички потенцијали на водечката саемска туристичка манифестација во Скандинавија – ТУР 2014 во Гетеборг, која беше отворена вчера и ќе трае до 23 март.
На годинешниот саем учествуваат преку 500 излагачи, агенции, туроператори и претпријатија од турситичкиот сектор, од преку 90 земји во светот. Се очекува ТУР годинава да го посетат над 30.000 посетители.
Штандот на Република Македонија, кој го подготви Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, и кој е опремен со богат туристички репрезентативен материјал, разновидни брошури и проспекти, вчера го посетија голем број новинари од водечките шведски весници, меѓу кои, Свенска дагбладет и Дагенс нихетер, како и едно од најтиражните списанија од областа на туризмот и патувањата: Вагабунд и популраниот туристички сајт Ресегуиден.се.
“Остваривме контакт и со Агенцијата на шведските туроператори, но и со туристички агенции од соседните скандинавски земји”, вели Мирјана Наумовска, економски промотор на Република Македонија во Шведска и Финска.
На 22 март на македонскиот штанд на ТУР ќе се одржи македонски ден со кулинарски специјалитети и вино и со настап на членови, фолклористи и музичари од Македонското друштво Гоце Делчев во Гетеборг.
За одблежување е тоа што во изминатиот период Македонија добива запазено место во медиумските известувања во Скандинавија посветени на туристичката промоција.
Многумина Швеѓани патуваат на исти места и во исти земји од година в година, но многумина откриваат и нови туристички дестинации. Скопје лани се искачи високо на листата на популарни туристички дестинации меѓу Швеѓаните, кои во текот на 2013 година пребарувале двојно повеќе патувања за Скопје во споредба со 2012 година. Тоа го покажуваат сумираните податоци на популарниот туристички сајт Skyscanners.
Интересирањето за Скопје на турситичките сајтови за пребарување на патувања, како и за повеќе други главни градови во Европа, е поврзан и со евтините нискобуџетни авиолетови, кои од Шведска, на пример, директно го поврзуваат Скопје со трите најголеми шведски урбани центри – Стокхолм, Гетеборг и Малме.
Скопје, Даблин, Хамбург, Манила, Техеран, Измир, Канкун, Сплит, Бризбејн и Кејптаун се десетте градови за кои во Шведска лани најмногу се зголемиле туристичките пребарувања, според туристичкиот сајт Skyscanners.