Македонија ги следи Албанија и Црна Гора по раст на број на работни места

16

Фото: Pixabay

Албанија и Црна Гора пријавија најголем раст на бројот на работните места во регионот, од по 3,3%, по кои следи Македонија со зголемување од 2,1%, стои во извештајот Трендови на пазарот на трудот во Западен Балкан во 2019 година на Светска банка.

Најмногу работни места, како што се наведува, се отворени во индустријата и услугите. Жените и понатаму се недоволно застапени на пазарите на трудот во Западен Балкан, но сепак повеќе од половината од зголемувањето на вработувањето им оди токму ним во прилог.

Во просек, регионалните пазари на трудот забележаа зголемување на стапките на активност (зголемување за 0,5 процентни поени и достигнување до 62,8%) и стапките на вработеност (зголемување за еден процентен поен и достигнување до 52,9%), но и понатаму се далеку под европските стандарди.

Невработеноста достигна историски најниско ниво во најголем дел од земјите на Западен Балкан, односно се намали од 16,2% на 15,3% во текот на минатата година. Стапките во земјите се движат од околу 12% во Србија и Албанија до 29% во Косово.

Регионот,исто така, бележи значително намалување на долгорочната невработеност, од најмногу 1,5 милиони луѓе во 2011 на 776.0000 луѓе во второто тримесечје на 2018 година. Сепак, невработеноста и понатаму претставува значителен предизвик во Западен Балкан, каде нивоата беа се два до три пати повисоки во споредба со слични земји во ЕУ.

Во извештајот се забележува дека неформалното вработување, еден од главните предизвици на пазарите на трудот во Западен Балкан и понатаму се зголемува во Албанија и Македонија, но се намалува во Србија. Младите мажи, постарите жени и работниците со помало ниво на образование поверојатно е дека работеле на неформални работни места во 2018 година.

“Зголемувањето на успешноста на пазарот на трудот е охрабрувачко, но трендот на забавување предизвикува одредена загриженост. И понатаму ни треба посилен приватен сектор кој генерира соодветни работни места и јавни политики кои ги подобруваат можностите за вработување на работната сила за да се одржи успешноста на пазарот на трудот во иднина,“ изјави Линда Ван Гелдер, директор на Светска банка за Западен Балкан.

И покрај тешката положба на пазарот на трудот, состојбата со вработувањето на младите и понатаму се подобрува, со тоа што стапката на невработеност кај младите се намали за три процентни поени и достигна ниво од 34,6%. Најголем дел беа долгорочно невработени, од 70% во Босна и Херцеговина до 43% во Црна Гора. Во просек, 50% од младите работат врз основа на договор на одредени време, односно осум од 10 млади вработени во Косово и Црна Гора. Иако се намалува, уделот на младите (15-24 години) кои не се во работен однос, во образование односно на обука (НЕЕТ) и понатаму е висок и изнесува 22,3%. Стапки под просечните се забележани во Црна Гора и Србија (околу 17%) во споредба со другите земји на Западен Балкан (каде стапките се движат од 24 до 26%).

Платите и трошоците на трудот се значително пониски во Западен Балкан, во споредба со ЕУ и не се забележува јасно приближување во изминатите години.

“Освен позитивниот импулс во развојот на вработувањето кој полека исчезнува, трендовите на раст на продуктивноста и платите се загрижувачки и творците на политиките треба да се справат со нив за да се подобри како приближувањето така и вработеноста“, заклучува Роберт Штерер, директор за наука на Виенскиот институт за меѓународно економски студии.

Во извештајот се наведува дека оданочувањето приходите од трудот во Западен Балкан е споредливо високо за луѓе со ниски примања и вработени кои издржуваат други лица, со оглед на нискиот степен на прогресивност и не многу честото користење на одбитоците  за семејство во режимите на данокот на приход. Луѓето со ниски примања се во особено неповолна положба на формалниот пазар на трудот во смисла на нивната нето плата и релативно високите трошоци за нивно вработување во споредба со луѓето со средни односно високи примања.

Овие неповолности уште повеќе ги демотивираат луѓето да работат на формални работни места односно фирмите да создаваат повеќе работни места, особено кога станува збор за работници со ниско ниво на образование односно со ниски примања. Спроведување на широка реформа на целокупниот систем на оданочување на трудот можеби е патот кој најмногу ветува во смисла на ревитализацијата на пазарите на трудот во Западен Балкан.