Македонија и Франција ја јакнат економската соработка

25

Стопанската комора на Македонија и Амбасадата на Франција во Македонија започнаа иницијатива за зголемување на економската и трговската соработка помеѓу двете држави, за која е оценето дека не е на потребното ниво.

За таа цел се одржа состанок на кој присуствуваа претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, француската амбасадорка Лоренс Оер, група бизнисмени и тим од соработници од Амбасадата.

„Економската соработка не е на ниво на можностите, простор за унапредување на соработката има, особено што Франција преставува една од најзначајните економии на светот“, оцени Азески.

Според него, позитивната инвестициона клима што владее во Македонија со поголема стратешка промоција може да привлече француски инвеститори.

Тој информираше дека во изминатите 10 години од Франција во Македонија влегле 140 милиони евра инвестиции, а трговската размена во наведениот период бележи осцилации, со што Македонија од 2006 година остварува конитуирано дефицит во размената со Франција. Најголем дефицит е забележан во 2011 година, од 105 милиони долари.

„Иако во 2013 година имаме раст на извозот од 20,9%, сепак не можеме да бидеме задоволни, бидејќи дефицитот е висок изнесува 69,1 милиони долари“, рече Азески,

Македонија минатата година во Франција извезла производи и услуги во вредност од околу 25 милиони долари, а увезла во вредност од 69 милиони долари.

Кон унапредување на соработката меѓу двете држави Азески го подвлече скорешното воспоставување на директна авионска врска помеѓу Скопје и Париз, која треба да профункционира во април.

Француската амбасадорка Оер, истакна дека како потрошувач во Македонија наишла на одредени уникатни производи, за кои смета дека би можеле да се пробијат на францускиот пазар. Таа ги повика македонските компании кои се заинтересирани за пронаоѓање на француски партнер да се обратат до амбасадата.

Претставници на неколку македонските компании изразија потреба од соработка со партнери од Франција, а некои од нив побараа поддршка за пласман на нивните производи на францускиот пазар.

Викторија Џингоска Мицеска од Микросам од Прилеп побара посредување во контакти со производители на авиони и вселенски летала, со оглед дека нивното производство е ориентирано на таа индустрија.

Атанас Киров, генерален директор на фабриката за производство и трговија на крзно и крзнени производи Димко Митрев, го спомена фактот дека велешката компанија извезува на европскиот пазар, освен во Франција, а е заинтересиран за контакти со производители на сурова кожа, но и со тамошни увозници на производи од крзно.

Савка Димитрова од Европа-Скопје побара овозможување контакт со големите трговски синџири од оваа земја и ја наведе можноста за производство под трговска марка бидејќи може да гарантира квалитет.

Бобан Тодоровски од Стил кон од Куманово, компанија од областа на метало-преработувачката индустрија, истакна дека се подготвени за соработка со француски компании во производството на челични конструкции, особено за настап на трети пазари.