Македонија и гимназијата Нова за првпат домаќини на светскиот образовен семинар Global Connections

7

Семинарот Global Connections, организиран од истоимената фондација од САД, своето 16 издание годинава за првпат ќе го одржи и во Македонија, а ќе се одвива и во Грција и на грчкиот и на турскиот дел од Кипар. На меѓународното училиште НОВА му припадна честа да биде домаќин, а со тоа Македонија ќе добие можност за своја национална промоција. Темата на семинарот оваа година е “Образование на мирот: Одлична едукација и учители за мир”. Целосниот настан ќе почне утре, 21 јуни, а ќе трае до 30 јуни.

Семинарот овозможува глобално поврзување на директорите на училиштата ширум светот и средби со лидерите во образованието од напредните и богати училишта, со оние посиромашните. Целта е создавање на интернационална образовна мрежа која ќе промовира партнерство и размена на искуства.

Гости на семинарот се директори на основни и на средни училишта, од најбогатите во Америка, па се до најсиромашните во Африка, но еднакво посветени на својата заложба: градење на меѓукултурни партнерства и кревање на глобалната свест за значењето на образованието. Во групата има 34 директори од 17 различни држави, од сите пет континенти.

Како дел од програмата на семинарот, од 21 до 24 јуни во Скопје и во Охрид ќе бидат организирани низа активности: прием во Владата на РМ и средба со Премиерот Никола Груевски и дискусија за целите и реформите во образованието кај нас; прием кај Претседателот Ѓорге Иванов и преглед на мултикултурното образование; а на експертските панели и неформалните средби ќе присуствуваат и Фатмир Бесими (вицепремиер за европски прашања), Никола Попоски (министер за надворешни работи на Република Македонија) и Ивица Боцевски (поранешен заменик-министер за европски прашања и професор во НОВА); ќе бидат оддржани сесии со Министрите за образование, култура, труд и социјална политика и евроинтеграции, како и средби со градоначалниците на град Скопје и Охрид.

Од 24 јуни до 30 јуни 2014 год. семинарот продолжува со активностите во Солун, Грција и во Никозија, Кипар.

Global connection е светски позната организација на лидери во образованието од сите сектори, основана од Питер Пелхам. Уште од 1997, секоја година се одржува ваков тип на семинар на различен континент. Преку неа се промовира не само поддршката за развој на светската мрежа на професори од образовниот сектор, туку, исто така, и размената на знаења наставник-ученик и зајакнување на односите помеѓу училиштата, најчесто меѓу признатите со помалку привилегираните училишта во различни делови на светот.

Училиштето НОВА започна со работа во 1997 година како прво регистрирано приватно училиште во Република Македонија. НОВА е и првото училиште со меѓународна акредитација во земјавa и е одобрено да спроведува меѓународна и висока матура, средношколски програми кои овозможуваат следење на предметите на факултетско ниво. Поддржано е од Американскиот Стејт Департмент што подразбира нивна логистичка и програмска поддршка.