Македонија преку Vrabotuvanje.com дел од организација на регионален онлајн саем за вработување

936

Vrabotuvanje.com е дел од организацијата на најголемиот онлајн саем за вработување во регионот, што ќе се одржи од седми до 14-ти октомври. Доколку сте во потрага по работа или кандидати за вработување, тогаш regionalensaemzavrabotuvanje.com е вистинската дестинација. Партнери во соработката на Vrabotuvanje.com се MojPosao – Хрватска, Poslovi Infostud – Србија, MojPosao.ba – Босна и Херцеговина и Deloglasnik – Словенија. Минатата година овој саем оствари над 300.000 посети и 27.000 апликации, а своите можности за вработување ги претставија над 80 компании. За бенефитите, можностите, очекувањата за овој саем кој претставува сосема ново дигитално искуство, разговаравме со Дарко Велков сопственик на Vrabotuvanje.com.

 

Бизнис Инфо: Македонија дел од организацијата на регионалниот онлајн саем за вработување. Што значи тоа за нашиот пазар на труд?

Тоа значи дека успеавме да донесеме голем нетворк кој ќе донесе вистинска содржина во Македонија и притоа како држава да бидеме дел од организација за да држиме високо ниво на квалитет и стандарди.

Вистинската конкуренција треба да нè следи, да инвестира во сопствени производи и развојни решенија кои ќе понудат други опции покрај ова. Тогаш правиот победник е пазарот на трудот во Македонија.

 

Бизнис Инфо: Какви бенефити ќе имаат компаниите коишто ќе имаат виртуелни штандови на овој саем и на кој начин ќе можат да допрат до потенцијалните кандидати за вработување?

Првиот бенефит е што се во „убаво„ квалитетно друштво на компании од регионов. Ikea, Македонски Телеком, Spar, JYSK, Merkator, НЛБ Банка, Lek, Кроација Осигурување… Нивното присуство токму во таквото опкружување зборува за квалитетот, за сериозноста и за стабилноста на самата компанија. За нејзината ХР позиција и високите цели кон кои се стреми, што од друга страна пак привлекува добар квалитетен обучен кадар кој е подготвен за промена на работно место. Ова е идеална шанса за компаниите во живо да поразговараат со кандидатите, да заштедат време или, подобро речено, да не губат време на долги и разни потраги по идеалниот кандидат за соодветната работна позиција.

Саемот им нуди можност осум дена да прават директни интервјуа… да прават брза селекција, регрутниот процес да го извршат побрзо. Можат да разговараат со било кого на земјинава топка, иселеници подготвени да се вратат во матичната земја, странци подготвени да мигрираат за работа, менаџери подготвени за трансфер, работници спремни за работа во друга земја и сл…

Иако виртуелни, штандовите изгледаат навистина реално… со присутни луѓе, опремени со елементи и промотивни материјали сè со цел саемот да биде едно пријатно виртуелно и колку што е можно по хумано искуство за посетителот.

Бизнис Инфо: Какви можности им нуди виртуелниот саем на сите оние кои се во потрага по работа и дали ќе може да најдат работа само во Македонија или може да си ја пробаат среќата и во Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Србија?

Токму тоа, на еден сајт, со еден клик, без регистрацијаи без никакви лозинки –  било кој од било која точка на земјинава топка каде има интернет ќе може да ги види расположливите слободни работни места на компаниите од регионов и да аплицира… Всушност, регионалниот саем го нуди она што со физичко присуство никогаш не би можело да се реализира. Еден човек во ист ден да стигне на интервју и во компанија во Хрватска и во Србија и во Македонија. Можност да поразговара во живо со претставник  на компанијата за да знае дали тоа место е за него или не… На пример: Денес да аплицира за работа во Словенија, а утре да сфати дека во Хрватска му се подобри условите и сл…

И ќе заклучам дека ние сме единствените кои со овој настан успеавме да ги отвориме затворените граници.

Бизнис Инфо: Минатата година, овој виртуелен саем од нашата земја имаше 15 изложувачи и 49.340 посетители, какви се очекувањата за оваа година?

Во нормални услови оваа година очекувавме најмалку двојно повеќе изложувачи и такви беа сите најави и предвидувањa. Но со оглед на ситуацијата некои компании имаат намален број на вработени, па не можеме да очекуваме дека ќе се појават на саемот.

Сепак, ова е година која не може да се мери со никоја друга, па така таа сама по себе ќе биде различна и ќе оставиме да видиме стопанството да одлучи. Но и покрај сè, нашите проценки се дека со сигурност ќе имаме повеќе изложувачи од лани, а и посетата сигурно ќе биде поголема.

Бизнис Инфо: Од досега пријавените компании од кои дејности има најголем интерес за ваков виртуелен настан за човечки ресурси?

Освен угостителскиот сектор, кој годинава од разбирливи причини изостанува, сите останати сектори се застапени, телекомуникациски, продажните сектори, банкарство, осигурителните компании, големите ланци на маркети како Меркатор, Спар, тука е и Икеа…

Ова е идеална можност за ИТ компаниите во целиот регион, а посебно во Македонија да го побараат својот кадар надвор од земјава. Со поставување на свој штанд на регионално ниво можат да допрат до сите ИТ специјалисти заинтересирани кандидати и од Хрватска и од Словенија и од Босна и Херцеговина и од Србија…

Кол-центрите исто така се оние кои би требало да го имаат регионалниот саем како опција за да се претстават… Всушност, сите компании чија работа е онлајн овде можат да пронајдат кадар… Идеална можност е и за сите оние кои бараат луѓе на лидерски позиции за своите компании да ги пронајдат токму на саемот.

 

Бизнис Инфо: Овој саем претставува сосема ново дигитално искуство, дали според вас, тоа ќе биде тренд во човечките ресурси и какви се перспективите на оваа бранша во следната декада?

Ако пред 20 години зборувавме за навидум невозможна идеја да се бара работа преку интернет, сега ова станува единствен начин… За жал сè повеќе се јавуваат и непроверени и несоодветни огласи и огласени работни места кои прават голема штета врз квалитетниот развој на ваквите онлајн берзи на труд. Но трендот е тој и барањето работа и работењето да се сведе што е можно повеќе на онлајн комуникација. Важно е само да се одберат вистинските места и вистинските можности каде ќе се огласуваат работните места. Зошто ако се појавите пред добар и квалитетен кадар таков кадар ќе имате и на апликациите. Ако одберете било кое место за огласување и себепрезентирање тогаш таков е кадарот кој ќе го привлечете…

Всушност, на работното место треба да се гледа како на производ за продажба.

За да производот привлече купувач баш како што треба, т.е кандидат за работа, мора да биде добро изрекламиран, добро промовиран и добро брендиран. Работодавачот мора да креира содржина на огласот која ќе ја таргетира публиката која ја бара… рендом направените огласи носат такви апликациии… Недоволната содржина како изостанувањето на работни саати на пример и платата веднаш создаваат недоумица и недоворба кај кандидатот. Од друга страна, кога зборувам за брендирањето компаниите сè уште не се освестени дека ставањето лого и адреса на фирмата повеќе не значи ништо. Луѓето сакаат да знаат какви се компаниите како работодавачи, како се грижат за своите вработени, како изгледаат физички нивните работни места, работниот процес… всушност овде зборувам за Employer Branding – тренд кој допрва ќе стане една од најважните карики кај апликантите кога бираат каде да го пратат своето ЦВ.

Регионалниот саем и како збор значи тоа. На едно место да се соберат продавачи во случајов продавачи на работни места и потенцијални купувачи на истите…