Македонија прва во регионот започнува со ИПАРД 3 програмата, со неповратни 97 милиони евра од ЕУ

31
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска присуствуваше и се обрати на презентацијата на новата ИПАРД 3 програма, насловена како „ИПАРД 3-нови можности за македонското земјоделство”. На настанот беа презентирани досегашните постигнувања и резултати од финансиската поддршка обезбедена преку ИПАРД 2 програмата, како и најавените активности во рамките на ИПАРД 3 програмата.
„Наша цел е со новата ИПАРД 3 програма уште поголема реализација и искористеност на средствата од 100% од она што го имаме добиено од ЕУ и затоа предвидуваме и можности за авансна исплата со цел уште повеќе да ги мотивираме нашите земјоделци. Но, крајната цел е нашите земјоделци, нашата економија да доживее напредок, да доживее развој преку остварувањето на полноправното членство во Европската Унија бидејќи влезот во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки и носи уште повеќе финансиски средства од фондовите на ЕУ”, потенцираше премиерот Ковачевски, на денешната презентација на новата ИПАРД 3 програма.
Нагласувајќи дека со поддршката којашто во изминатиов период, заедно со ЕУ се обезбедува за земјоделците, премиерот Ковачевски оцени дека се постигнува рамномерен регионален развој.
„Во услови на голема светска економска криза, успеавме да понудиме помош за секој земјоделец и за сечиј бизнис на локално ниво за да може да се набавува модерна опрема, модерни машини, да се градат технолошки постројки и секако, да се градат нови објекти во земјоделството, вклучително и на туристички објекти коишто ги развиваат нашите помалку развиени рурални краеви.
На таков начин се изградија мноштво производствени капацитети за производство на храна, за сместување, за угостителски услуги коишто отворија бизнис за луѓе коишто претходно тоа не го имале”, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека 2023 година е година на нови можности бидејќи се создадени услови за отворање на нови бизниси, нови работни места и нови инвестиции.
„Ако ги погледнете извештаите ќе видите дека и од ИПАРД и од ИПА програмите средствата во голем дел се враќаа на крајот на периодите за користење бидејќи едноставно тие не беа користени, не постоеше институционална заинтересираност во министерствата и не постоеше канална комуникација како земјоделците да ги искористат на најдобар начин. Меѓутоа, тоа се промени и затоа со ИПАРД 2 програмата којашто е на највисоко ниво на искористеност од сите земји кандидати за ЕУ беа склучени 2.369 договори со земјоделци и со граѓани коишто имаат други услужни дејности поврзани со земјоделието во нашата држава и на тој начин Северна Македонија доби зголемени финансиски средства со ИПАРД 3 програмата и е прва земја од регионот којашто ќе започне со нејзиното користење”, истакна премиерот Ковачевски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски информираше дека е објавен првиот јавен повик од ИПАРД 3.
„Со тоа и официјално, ние први во регионот започнуваме со реализација на ИПАРД 3 програмата. 30 милиони евра, 30 милиони европски пари се на располагање на македонскиот агросектор. Ова се средства за нови можности, за многу нови инвестиции за изградба и реконструкција на фарми, оранжерии, амбари, силоси, објекти за земјоделска механизација, објекти и опрема за постбербени активности, објекти и опрема за преработки, опрема за собирање, калибрирање, складирање, ладење, сушење, замрзнување. Нова можност за подигнување на долгогодишни овошни, лозови и други насади, набавка на системи за наводнување, набавка на специјализирани транспортни возила. Нова можност за јакнење на руралните подрачја преку инвестиции за изградба на современа инфраструктура, патишта, пешачки патеки, водовод и канализација”, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Министерот Николовски потенцираше и дека се прифатливи и инвестиции во алтернативни земјоделски производи и преработки, производство на пијалоци, непрехранбени производи како и занаетчиски активности.
„Во насока на силна поддршка за јакнење на руралниот туризам кој има извонредно голем потенцијал и природни убавини, со овој јавен повик опфатени се инвестиции за изградба на сместувачки капацитети (хотели, кампови, бунгалови, апартмани, соби) угостителски објекти, ресторани, простории за дегустации, за директна продажба и маркетинг, за организирање семинари во рурални места. Или накратко, овој јавен повик поддржува инвестиции за сè она што значи агросектор и рурален развој”, посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на денешната презентација на новата ИПАРД 3 програма.