Македонија со национален штанд на саем за широка потрошувачка во Русија

20

prodexpo2017

Македонија со национален штанд ќе се претстави на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа Продекспо 2017, што ќе се одржи од шести до 10 февруари во Москва, јавува Миа.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонско – руската стопанска комора (МРСК) и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На овој значаен деловен настан од областа на производството и пласманот на стока за широка потрошувачка, своите производи ќе ги изложат винариите Стоби од Градско, Далвина од Струмица и Кралската винарија од Демир Капија, производителите на сирење и кашкавал Здравје од Радово и Осогово милк од Кочани, како и производителот на конзервиран зеленчук и овошје Вори од Гевгелија.

Македонско – руската стопанска комора го организира и самостојниот настап на Кадино индустри груп, којшто првпат со сопствен штанд ќе ги престави своите мелнички производи и свежо замрзнати тестенини.

Во Експоцентарот во Москва на Продекспо 2017 на 100.000 квадратни метри ќе се претстават преку 2.000 компании од 57 земји со 27 национални штанда, меѓу кои и македонскиот. Големата саемска манифестација повеќе децении по ред се одржува под патронат на Трговско – индустриската комора на Руската Федерација и со поддршка на државното Министерство за земјоделство и Управата на градот Москва.