Македонија трета по користење на Фејсбук, четврта по интернет во регионот

25

Податоците покажуваат дека 1.180.704 Македонци или 56,7% од вкупната популација во државава користи интернет, додека на социјалната мрежа Фејсбук се приклучени 941.240 граѓани или 45%.

Специјализираниот статистички веб сајт Интернет ворлд стат, вели дека Македоците се пред Албанците, Бугарите, Грците, Црногорците, Србите и граѓаните на Косово кога станува збор за користење на интернет.

Според процентите веднаш по Македонците најголеми корисници на интернет се Србите со 56,4%, потоа се Грците со 53, Бугарите со 51, Црногорците со 50 и Албанците со 49%, додека само 20,5% од населението во Косово користи интернет услуги.

Од земјите во регионот најмногу интернетот се користи во Словенија 72,1%, по што следува Хрватска со 70,7% и Босна и Херцеговина со 60%.

Во однос на Фејсбук 48,2% од популација во Србија и 46,9% од Црна Гора ја користат социјалната мрежа повеќе од македонската популација. Помалку приклучени на Фејсбук има во Словенија 37,1%, Албанија 36,1, Хрватска 35,1, Бугарија 34,6 и Босна и Херцеговина со 33,7%.

Отворањето на бесплатни интернет клубови, организирањето на бесплатни курсеви за граѓаните, доделувањето ваучери за компјутерска опрема за студентите, како и набавката на компјутери за училиштата и воведувањето на електронскиот систем скоро во сите државни и јавни институции, придонесоа во голема мера за зголеменото користење на интернетот.

Според Државниот завод за статистика на Македонија, од октомври годинава во првото тримесечје 58,3% од домаќинствата имале пристап на интернет што е пораст од 3,3% во споредба со истиот период 2011 година. Од вкупното население на возраст од 15 до 74 години компјутер користеле 59,9%, а на онлајн мрежата биле приклучени 57,5%.

Во однос на деловните субјекти 87,3% имале пристап на интернет, а 25,5% им обезбедиле на своите вработени преносливи уреди со кои се овозможува мобилна конекција на интернет.

Во 2011, 84% од компаниите користеле интернет за соработка со органите на јавната власт, а околу 28% понудиле стоки и услуги во електронските системи за јавни набавки во државата.

Податоците на Државниот завод за статистика велат дека во текот на минатата година 8,9% од компаниите купувале или продавале стоки и услуги преку компјутерски мрежи, што покажува дека во последно време се повеќе се користи и е-трговијата од страна на граѓаните и компаниите.