Македонија успешно претставена на Саемот за туризам во Белград

23

Туристичкиот потенцијал на Република Македонија беше успешно презентиран на саемот за туризам во Белград, Србија, кој се одржа во периодот од 27 февруари до 2 март оваа година.

Претставувањето го организираше Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Република Србија и градот Охрид.

На саемот за туризам во Белград се одржа и прес конференција на која се презентираа туристичките можности на Македонија.

Обраќање имаа и македонската амбасадорка во Србија, Вера Јовановска – Типко, Директорот на АППТ, Кристијан Џамбазовски, Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и Директорката на туристичката организација на Србија, Гордана Пламенац.

“Македонија и сонцето, тоа е симбиоза која се чувствува, тоа е синергија која се гледа во златните житни полиња, преку вкусот на храна, во бојата на преубавите планини, во Охридските бисери, во сјајот на црковните икони, во оригиналниот такт на музиката, во топлината на луѓето а можеби најмногу во нектарот на вистината – македонското вино. Во секоја негова капка се чувствува вкусот на сонцето. Она сонце кое вечно ја грее една од најстарите опсерватории – Кокино, античките градови Стоби и Хераклеја, средновековната Самоилова тврдина, древниот Охрид, византиските цркви и отоманските градби,” изјави амбасадорката Јовановска – Типко.
Директорот Џамбазовски истакна дека бројот на странски туристи кои ја посетиле Македонија е зголемен за 15%.

“Македонија и Србија како две соседни земји имаат многу заеднички работи. Една од нив е туризмот, односно туристичката размена. Според официјалните податоци, бројот на странски туристи кои ја посетиле Македонија се зголемил за 15%. Бројот на Српски државјани кои дошле во Македонија во 2013 година е пак зголемен за извонредни 11% од 2012 година”, изјави Џамбазовски.

Директорката на туристичката организација на Србија порача Македонија и Србија да се здружат во организирањето на кружните тури и претставувањето на туристичкиот потенцијал пред трети пазари.