Македонија во европската енергетска рамка – безбедност и вработувања

19

Забрзано напуштање на согорувањето на јаглен за добивање енергија и внесување значително поголем процент обновливи извори на енергија во енергетскиот микс во земјава, применување на построгите стандарди за заштита на животна средина во согласност со Директивата за индустриски емисии на постојните термоелектрани, олеснување на инвестирањето во обновливи извори и енергетска ефикасност, како и разгледување на можностите за изградба на енергетски систем базиран на децентрализирано и одржливо производство на електрична енергија во Македонија, пишува Миа.

Тоа се заклучоците од промовираните студии од областа на достапноста на јаглен за енергетски потреби и достапноста на работни места во различните сектори поврзани со енергијата од едицијата Македонија во европската енергетска рамка, претставени денеска од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко свест.

Невена Смилевска, програмски координатор за клима од Еко свест, рече дека енергетиката е еден од клучните сектори кои влијаат на климата и двете студии, кои се изработени и објавени во 2015 година, се промовираат заедно со цел истовремено да се прикажат и негативната и позитивната слика за  енергетската иднина на Македонија.

“Заклучокот  од  двете студии е дека Македонија треба итно да се пренасочи кон значително поголемо искористување на т.н. нови обновливи извори на енергија со цел да се намали зависноста од фосилни горива чии резерви набрзо ќе се исцрпат, а истовремено да се обезбеди поголем број вработувања. Наодите од студијата Небезбедна енергетска иднина – Анализа на достапноста на лигнит во Република Македонија, покажуваат дека во Македонија нема посериозни наоѓалишта на квалитетен јаглен. Проектираните рокови за отворање и затворање на подземните копови и динамиката на експлоатација е тешко да се постигнат и потпирањето на овој енергенс како основа на долг рок ќе резултира со висока цена на производствената енергија“, изјави Смилеска.

Согласно меѓународните договори за намалување на емисиите и европската определба за ослободување од фосилни горива, продолжи таа, студијата заклучува дека Македонија треба да изгради нова визија за ваквата насока и да ги разгледа можните начини како да се изгради енергетски систем базиран на децентрализирано и одржливо производство на електрична енергија со приоритет на обновливите извори, енергетската ефикасност и иновациите во енергетскиот сектор.

Авторот на студијата Компаративна анализа: работни места во термоелектрани наспроти работни места во секторите обновливи  извори и енергетска ефикасност во Македонија, Соња Ристеска од Аналитика тинк тенк, нагласи дека Македонија има потенцијал и самата држава го има препознаено тоа, додека анализата покажува дека секторите за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија нудат и до 6 пати повеќе работни места во однос на термоелектраните.

“Заклучокот е дека овие сектори се подобри за вложување и нудат поголеми можности за развој и отворање на нови 6.000 работни места со инвестирање во изградба на обновливи извори на енергија како ветерници, биомаса, сончеви колектори до 2030 година. Најмногу работни места би се отвориле во секторот енергетска ефикасност, како изградба на нови згради, пасивни куќи и обнова на постоечкиот станбен фонд“, истакна Ристеска.