Македонија земја партнер на саемот за туризам во Измир

16

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија оваа година е земја – партнер на саемот во Измир, Турција (Travel Turkey – Izmir). Со официјален говор пред туристички работници, политичари, амбасадори и министри за туризам од светот, директорот на АППТ, Љупчо Јаневски ја промовираше убавината на Македонија и ги потенцираше традиционалното пријателство, соработка и разбирање што двете земји го имаат во секоја индустрија, стои во соопштението.

Подвлекувајќи го фокусот на Владата на Република Македонија на развојот на туризмот како една од водечките индустрии во светот и фактот дека бројот на странски гости, а посебно гости од Турција во Македонија е во постојан подем, директорот Јаневски го образложи значењето на растот и неопходноста на земјите во развој да усвојат концентриран и координиран пристап кон планирањето, развојот и координацијата меѓу индустриите, владите и образовните институции, со цел исполнување на потенцијал во годините што следат.

Македонија како земја партнер на саемот во Измир е во фокус на интересот на сите делегации и посетители. Штандот на Македонија го посети и министерот за туризам на Турција, Мехмет Ерсој кој бараше одговор на причините зошто Македонија е земја – партнер токму на саем во Турција.

“Турција е прв пазар за Македонија и најголем број на туристи имаме токму од овој пазар, околу 135.000 туристи годишно. Следствено на тоа, логично е да дадеме и најголем акцент на промоцијата на Македонија на овој пазар, а дел од таа промоција е Македонија да биде земја – партнер на саемот во Измир, град во Турција каде има најголем број на македонска дијаспора, и од каде ни доаѓаат најголем број на туристи. На почетокот на следната година е саемот во Истанбул каде Македонија ќе има рекорден број на ко-егзибитори ”, му појасни директорот Јаневски на министерот Ерсој, упатувајќи директна покана за средба во Скопје на која би разговарале за дополнителна соработка и зголемување на аранжманите за пет до седум дена, преку што би се постигнало и зголемување на просечниот престој на турските туристи.

На саемот во Измир се оствари средба и со делегација на ТУРСАБ предводена од директорот, Фируз Б. Багликаја на која се договорија следните чекори на соработка во кој спаѓа информативно патување на 20 до 25 тур-оператори од Турција, зголемен фокус на АППТ на турскиот пазар, посета на Македонија на турски мастер шефови со цел на снимање на емисија за гастрономија и слични промотивни активности кои би ја зацврстиле соработката.

Една од поуспешните средби во Измир е со авионската компанија Пегасус и туристичката агенција Џоли травел, со кои Директорот Јаневски и амбасадорот на Република Македонија во Република Турција, Звонко Муцунски дискутираа за нова директна линија Измир – Скопје – Измир и Измир – Охрид – Измир, кои би требало да почнат да оперираат од крајот на месец мај, 2019 година.

Саемот во Измир е еден од поуспешните саемски претставувања на кои се остварија средби и со градоначалникот на Чешме, заменик градоначалникот на Измир и авионската компанија Turkish Airlines со кои се дискутираше за соработка преку организирање на информативни патувања на турски тур – оператори во Македонија со цел на откривање на нови атракции преку кои ќе се создаде баланс на туристичката понуда во земјата.

Оваа година на штандот на Македонија во Измир има рекорден број на тур – оператори од Македонија и најголем штанд до сега на овој саем. Тур – оператори се Вардар Експрес, Бадем тур, хотел Нова Ривиера, ДМЦ Балканс и хотел Њу стар и бројна делегација на тур-оператори, хотелиери и туристички работници од Македонија како посетители на саемот во Измир.