Македонска берза по промет ги надмина берзите во Белград, Подгорица и Бања Лука

61

Вкупниот берзански промет по сите основи во првата половина на 2021 година изнесува околу 87 милиони евра, што претставува намалување од 8% наспроти истиот период лани кога изнесуваше 95 милиони евра. Ова благо намалување се должи на помалиот промет со акции во БЕСТ системот оваа година, при што битно е да се нагласи дека минатата година во март и април на пазарот беа забележани исклучително високи акциски промети како последица на прогласената пандемија на COVID-19.

Од друга страна, годинава голем пораст се забележува во тргувањето со обврзници од 159% (минатата година изостана редовната годишна котација на обврзниците за денационализација). Исто така, пораст бележи и прометот од блок трансакции којшто споредено со претходната година бележи раст од 30%.

Доколку се анализира структурата на прометот во последните неколку години може да се заклучи дека вкупниот промет и со акции и со обврзници од класичното тргување во БЕСТ системот во првата половина од 2021 година (во износ од 53 милиони евра) е втор најголем берзански промет по овој основ во последните 5 години (најмногу се тргувало токму минатата пандемиска 2020 година).

Компаративната регионална анализа покажува дека акцискиот промет на Македонска берза (акциите се главен финансиски инструмент со коишто се тргува и на другите регионални пазари) во првиот семестар од 2021 година е повисок од берзите во Белград, Подгорицa и Бања Лука, а е на слично ниво со берзата во Софија. Вообичаено, регионалниот примат во оваа категорија на промет го имаат берзите од Загреб и Љубљана.

Перформансите на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните 10 акции на Македонска берза, почнувајќи од 2016 година регистрира континуирани годишни порасти (16,45% во 2016, 18,92% во 2017, 36,64% во 2018, 34,01% во 2019 и 1,20% во 2020 година).

Во текот на првата половина од 2021 година индексот МБИ10, со исклучок на месец февруари, продолжи континуирано да расте и споредбено со крајот на 2020 година, на 30.06.2021 година изнесуваше 5.281,14 индексни поени, односно повторно забележа двоцифрен пораст од 12,25%.

Во текот на првото полугодие од 2021 година беа објавени финансиските резултати на котираните компании за првиот квартал од 2021 година. Од 98 котирани компании, 64 регистрирале добивка, 26 загуба, 4 компании не доставиле финансиски извештај, додека 4 друштва се долгорочно суспендирани од котација. Вкупната прикажана добивка на котираните компании во првиот квартал од оваа година е зголемена за околу 47% споредено со истиот период лани.

Фото: Pexels