Македонска економска делегација во посета на Франција

21

Македонска владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денес ќе престојува во Лион, Франција.

Тие ќе се претстават пред заинтересираните посетители на Интернационалниот трговски саем Classe Export, наменет за компании заинтересирани за проширување на својот бизнис во други земји.

Делегацијата е составена од министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо и економскиот промотор Дамјан Митев.

На вчерашната средба со претставници на Стопанската комора на Марсеј, формирана во 1599 година и воедно најстара комора во светот, македонската делегација имаше можност да ги претстави можностите и поволностите за инвестирање во државава.

“Беа презентирани економската состојба на Македонија, нејзиниот инвестициски потенцијал, најконкурентните сектори кои се од интерес за бизнисмените од јужниот дел на Франција, како и поволностите што ги нудат технолошките индустриски развојни зони за инвеститорите”, соопшти Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Членовите на македонската делегација имале и поединечни средби со заинтересирани преставниции на бизнис заедницата во Марсеј, со компании од областа на инфраструктурата, енергетиката, како и од ИТ индустријата, фармацијата и медицинските помагала.