Македонска компанија произведува возила за светските метрополи

62

brako_vozila

Велешката компанија Брако, којашто е дел од групацијата Фероинвест, воспостави нови производни линии и започна со производство на камиони за чистење на градски улици.

Како резултат на долгогодишниот развој и континуираното инвестирање во зголемување на производното портфолио, компанијата Брако галопирачки се развива како бренд етаблиран на светските пазари. Овој факт доведе до воспоставување на договор за соработка со интернационалната компанија Green Machine којшто резултираше со започнување на производство на возила за градско чистење, стои во соопштението.

“Зелените“ возила за градско чистење GM5 и GM6, располагаат со контејнер од 1,2м3 и работат на вакумски принцип. Моделот GM5 работи на потполно електричен погон и не спроведува апсолутно никаква емисија на штетни гасови во атмосферата, додека моделот GM6 е придвижен од високоефикасен дизелски мотор и се карактеризира со исклучително ниска емисија на CO2. Возилата располагаат со висок капацитет и можност да исчистат повеќе од 70.000 м2 во еден час. Вакумскиот систем за собирање на отпадот составен од ротирачки метли, ја насочуваат нечистотијата кон централниот дел на машината. Целосното сузбивање на правот се постигнува преку системот за собирање и преку притисокот кој се создава внатре во контејнерот генериран од турбината за вшмукување. На овој начин се постигнува максимална ефикасност во чистењето, а повеќето филтри поставени на патеката на движење на отпадот и внатре во контејнерот го филтрираат воздухот пред да биде испуштен.

Овие возила се првите модели кои излегоа од производната линија на Брако, која во блиска иднина ќе биде надополнета со уште две помали возила без кабина. Во првата година, Брако има склучено нарачки за повеќе од 200 возила кои ќе бидат наменети за градовите во САД, Велика Британија, Германија, Белгија, Франција, Кина, скандинавските земји, како и неколку земји од арапскиот полуостров.

Последната инвестиција на Брако од 4,5 милиони евра во целосно компјутеризирана, модерна хала според светските спецификации, наскоро ќе биде официјално пуштена во употреба и ќе овозможи производство на сите производи од портфолиото на компанијата. Со овие континуирани вложувања, Брако ја спроведува својата визија за успех и развој која се однесува на имплементирање нови современи технолошки и пазарни трендови во својата индустриска бранша, како и во пошироката област.