Македонската апликација When in X меѓу најдобрите стартапи во Европа

21

when-in-x-1

Авантуристичкиот дух на апликацијата посветена на патувањата – When in X, повторно ја освојува Европа. По успешниот настап на најголемата конференција за технологија, иновации и маркетинг Web Summit во Лисабон оваа година каде беше избрана меѓу најуспешните стартапи, македонската апликација уште еднаш се најде во центарот на вниманието на европската јавност, стои во соопштението.

Овој пат македонскиот старт – ап беше избран меѓу победниците на Madeira Startup Retreat, каде во период од осум недели ќе учествува на настанот посветен на компании што се занимаваат со иновации во делот на туризмот и патувањата.

When in X е веб сервис и мобилна апликација преку којашто се среќаваат локални понудувачи на тури и оние кои сакаат да ги истражуваат надворешните убавини и искуства што се уникатни за секоја различна локација. Без разлика дали се работи за странски или домашни туристи, големиот опсег на турите им овозможува на сите да пронајдат нешто по свој вкус – од јавање на коњи на Галичник, приватна вечера со превкусни бургери, истражување на секое скриено ќоше на градот, до прелетување над градот со параглајдер и автомобилска тура со ретро Буби…

Оние пак, кои отсекогаш имале идеја и желба да организираат најразлични тури или едноставно да се дружат со странци на pub crawl во својот град, сега можат да го направат тоа преку неколку едноставни чекори за зачленување на апликацијата. Па така, овој сервис можете да го употребувате и како истражувач во некој странски град и како водич низ вашиот.

Оваа уникатност на понудување на локални искуства беше пресудна македонската апликација да биде одбрана меѓу најуспешните 10 стартапи за настанот Madeira Startup Retreat, што ќе се одржи од 15-ти јануари идната година на преубавиот португалски остров Мадеира. На овој едукативен настан учесниците ќе можат да учествуваат во интерактивни предавања, да се среќаваат со инвеститори од целиот свет, како и да добијат можност да ги унапредат своите услуги со помош на одобрените грантови.