Македонската асоцијација за човечки ресурси ги избра најдобрите HR менаџери

64

HR

На шестата Меѓународна конференција за човечки ресурси, што се одржа во петокот минатата недела, Македонската асоцијација за човечки ресурси ги избра најдобрите HR менаџери во Републиката. Признанија за најдобри практики во областа на менаџмент со човечки ресурси добија Јелица Ивановска од Вистеон Корпорејшн (Visteon Corporation), Ивана Дојчиновска Стојановиќ од Вабтек МЗТ, Искра Трајкоска од Лакталис МК, а статуетката за менаџер на годината ја понесе Магдалена Славејкова, менаџер за човечки ресурси во Цементарница Усје АД Скопје.

„Цементарница Усје, како дел од групацијата Титан, е организација која препознава дека одржливиот развој се темели на луѓето, на способноста, однесувањето и соработката на нашите вработени, кои заземаат централно место во нашата водечка цел и нашата стратегија. Оттаму произлегува и нашата визија “Да обезбедиме ангажираност на нашите луѓе и мисловна и емоционална”. Токму затоа Усје во континуитет инвестира во развој на своите вработени и овозможува развој на нивните кариери. Задоволството на работното место е најголема мотивација за секој човек, зашто така и неговата посветеност и ангажираност се поголеми. Затоа ние во Усје се грижиме нашите вработени да бидат задоволни, бидејќи тие се нераскинлив дел од компанијата. И во иднина за Усје најважен приоритет остануваат луѓето“, изјави Магдалена Славејкова, менаџер за човечки ресурси.

Конференцијата беше поддржана од Министерството за информатичко општество и администрација и Европската асоцијација за управување со човечки ресурси (EAПM). Претседателот на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Христина Лозаноска, се осврна на целите на конференцијата и очекуваните резулати од неа.

“Секоја година се обидуваме конференцијата да биде место каде ќе се зборува за добрите практики во менаџментот со човечки ресурси, презентирани од страна на искусни HR менаџери со корпоративно искуство и професори кои предаваат менаџмент со човечки ресурси на престижни универзитети, од земји кои имаат традиција во негување на оваа гранка од менаџментот. Оваа година одлучивме добрите практики и трендовите во развојот на професијата да ги поврземе со стандардите во професијата кои треба да претставуваат една фундаментална рамка на која ќе се надоградуваат најдобрите практики. Стандардите е потребно да се познаваат во секоја работа и професија, а тие со еден збор значат квалитет. Македонската асоцијација е иницијатор на формирање на технички комитет при Институтот за стандардизација на РМ, за поставување на национални стандарди во професијата менаџмент со човечки ресурси, како и приклучување на земјата во глобалните процеси за стандардизација во областа, како што е тековниот при организацијата ИСО.

Оваа конференција има уште еден значаен момент, доделување на наградата за најдобар HR менаџер на годината. За прв пат МАЧР спроведе процес со кој дополнително се промовира професијата менаџмент со човечки ресурси, преку признание за најдобар HR менаџер на годината. Со овој избор се потврдува дека во нашата земја веќе постојат поединци, кои го изградија својот профил на искусни HR менаџери и заради своите достигнувања и придонес во компаниите беа предложени од своите колеги за оваа престижна награда. Особено сум горда што се докажа дека HR менаџерите се високосвесни и доблесни професионалци, и со самото вклучување во овој „избор на признание“ и овој пат го докажаа истото и придонесоа за промоција на нашата професија во земјата“, изјави Лозаноска.

Темата на конференцијата беше HR стандарди и стандардизација на професијата во РМ, а за своето искуство и знаење за најдобрите практики од областа на човечките ресурси зборуваа врвни спикери, професори и практичари од Франција, Словенија, Грција и Германија.

Претседателот на EAПM, г. Изи Бехар потенцираше дека тренингот и едукацијата на вработените се инвестиција која се враќа, а не трошок. Професорот Џовани Серафини од универзитетот Шефилд и Сити колеџот смета дека за една компанија е подобро да вработи и да инвестира во човек со карактер, со желба за учење, со позитивен став кон животот и желен за работа, отколку некој кој мисли дека знае се. Госпоѓа Барбара Лукман Јагодиќ од Триглав Групација Словенија вели дека луѓето се најважни, пред технологијата и парите. Кадрите што ретко се наоѓаат треба или да се развиваат, односно да се инвестира во нив или скапо да се платат. Господинот Рајнер Јенсен од Coca – Cola Erfrischungsgetränke AG, Берлин, Германија, пак се осврна на талентот, како мерка за висока вредност.

Македонската асоцијација за човечки ресурси е основана во 2009 година, а нејзина главна мисија е да ја поддржува и развива професијата управување со човечки ресурси и да придонесува за унапредување на нејзиниот статус.