Македонската железница се подновува по цели 35 години

17

Македонската железница по цели 35 години ќе добие четири нови патнички гарнитури со дизел погон и две нови гарнитури со електричен погон.

Имено, на интернет-страницата на Европската банка за обнова и развој е објавен јавен повик за набавка на овие нови гарнитури, додека инвестицијата во овој проект ќе изнесува 25 милиони евра.

“Набавката на четири нови патнички гарнитури со дизел погон и две нови гарнитури со електричен погон претставува инвестиција во железницата од 25 милиони евра. Овие патнички гарнитури ќе бидат со вкупен капацитет од околу 1.200 патници (секоја по 200 патници) и истите ќе се користат на најфреквентните линии, и според анализите на МЖ Транспорт, со нив ќе се покријат 60% од линиите што директно значи поудобен и поквалитетен превоз за корисниците на железничкиот транспорт“, изјави денес министерот за транспорт и врски, Миле Јанакивески.

Новите патничките гарнитури треба да ги исполнуваат највисоките европски стандарди за превоз на патници.

“Тие ќе бидат целосно климатизирани, опремени со вакуум тоалети, енергетски ефикасни, ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност односно ќе бидат направени согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската Унија”, појасни министерот.

Јанакиевски додаде дека цената на билетите ќе остане иста, а квалитетот, брзината и безбедноста на патниците ќе се зголеми.

Првични понуди од понудувачите треба да бидат доставени до осми октомври годинава кога ќе започне евалуацијата на истите, по што квалификуваните компании од првиот степен своите финални понуди треба да ги поднесат на почетокот на декември оваа година.

Се очекува во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорот да пристигнат и првите гарнитури во Македонија, што значи дека истите може да ги очекуваме и во текот на 2014 година.

“Покрај овој проект за набавка на нови возни средства во изминатиот период целосно беа репарирани 10 класични патнички вагони и две дизел моторни гарнитури. Со овој потег веќе е значително намалена потрошувачката на нафта, односно заштедата изнесува околу 20%, што доведува до енергетски поефикасно одвивање на патничкиот превоз. Со новите возни средства, освен драстично подобрување на квалитетот и удобноста на превозот за патниците, се очекува уште поголема заштеда на средства кои сега се одвојуваат за одржување и експолатација на старите возни средства“, додаде ресорниот министер.