Македонски компании ќе добијат бесплатни штандови на најголемиот кинески саем

20

Десет македонски компании кои ќе се пријават за учество на Меѓународниот саем за стоки за широка потрошувачка во Кина ЦИЦГФ-2014, ќе им бидат обезбедени бесплатни штандови од девет метри квадратни.

„Амбасадата на Народна Република Кина во Република Македонија ќе обезбеди целосна логистичка поддршка за настап на компаниите од Македонија на Саемот во Нингбо, како и за воспоставување контакти со потенцијални кинески партнери, преку заедничката соработка со коморите“, истакна Су Женг од Советот за промоција на трговијата на Кина – Потсовет на Нингбо.

Овој заем е еден од најголемите и најпрофесионалните во светот, а ќе се одржи во рамки на Министерската конференција за трговија и инвестиции меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа од осми до 11-ти јуни оваа година.

На ЦИЦГФ – 2014 се преставуваат извозни компании кои сакаат да реализираат пласман на нивните производи во Кина.

Меморандумот за соработка што го потпишаа стопанските комори од Македонија со високи претставници на кинеските компании од Нингбо треба да донесе зголемување на можностите за извоз и отворање нови пазари преку воспоставување директни и непосредни.

Според Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија и потпишувач на Меморнадумот од македонска страна, саемските манифестации се секогаш корисна алатка за согледување на потенцијалите за настап на одредени пазари, можност за развивање нови деловни партнерства и зголемување на извозните активности на македонските компании.

„Заложба на Стопанската комора е да им помогне на македонските компании да ги зголемат своите можности за извоз, а со отворањето нови пазари да се овозможи воспоставување директни и непосредни контакти каква што е и оваа можност, за учеств на Меѓународниот саем за широка потрошувачка“, истакна Пешев.

Македонските и кинеските стопански претставници на заедничката средба се согласија дека е неопходно зголемување на македонскиот извоз во Кина со цел намалување на трговскиот дефицит на македонска страна.

Вкупната трговска размена на Република Македонија со Кина во 2013 година достигна вредност од 483,7 милиони долари што претставува пад од 9,4% во однос на претходната година. Остварен е извоз од 103,8 милиони долари или пад од 34,6%, додека увозното салдо изнесува 379,5 милиони долари или раст од 1,2% споредбено со 2012 година.