Македонски телеком и Т – Мобиле со добивка од 880 милиони денари во 2014

61

t mobile 123

Македонски Телеком АД Скопје и Т – Мобиле Македонија остварија нето добивката за 2014 година од 880 милиони денари и истата е намалена за 55,8% во споредба со претходната година, стои во соопштението на компанијата.

Добивката пред оданочување, којашто ги исклучува ефектите од даноците, се намали за 11,6% во однос на 2013 година, што е резултат на намалените приходи коишто се делумно компензирани со намалените оперативни трошоци.

Македонски Телеком АД – Скопје и Т – Мобиле Македонија ја задржаа водечката позиција на пазарот во 2014 година и покрај силното пазарно опкружување, покажуваат неревидираните консолидирани финансиски резултати согласно со Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ). Продолжува трендот на пораст на приходите во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги.

Приходите од продажба на ниво на Групација во 2014 година изнесуваат 11 милијарди денари, што претставува намалување од 11,3% во споредба со 2013 година. Оперативните трошоци во изминатата година се намалени за 12,7% во споредба со 2013 година, а вкупните капитални инвестиции во 2014 година изнесуваат 1,8 милијарди денари.

Македонски Телеком во 2014 година остана на лидерската позиција со пазарно учество од 63,8% во сегментот на фиксната телефонија и удел од 50,8% во делот на широкопојасниот интернет, според интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 13% во споредба со 2013 година, со бројката од 237.000 корисници, Македонски Телеком ја задржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV во 2014 година се зголемија за 6,5% во споредба со истиот период од претходната година. Фокусот на double и triple play пакетите го зголеми бројот на интернет корисници за 2,7%, што резултираше со база од 190,5 илјади DSL корисници на крајот од 2014 година. Македонски Телеком постигна одлични резултати со дигиталната телевизија, како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство. На крајот од изминатата година, бројот на MaxTV корисници е зголемен за 12% во споредба со 2013 година и изнесува 98.000 корисници на IPTV.

Во мобилната телефонија, приходите од говорни мобилни услуги во 2014 година се намалија за 18,7% во споредба со претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите. Продолжи трендот на зголемено користење на мобилните услуги, при што  во пакетите се опфаќаат сè повеќе минути за истата цена. Тоа придонесе за зголемување на бројот на минути на користење, делумно придвижено од континуираното намалување на тарифите. Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и на конкуренцијата, просечниот приход по корисник е намален за 17,2% во споредба со 2013 година.

Т – Мобиле Македонија во 2014 година ја задржа водечката позиција со удел од 46,8% на пазарот. Во услови на стабилна пенетрација на пазарот и силна конкуренција, Т – Мобиле успеа не само да го задржи, туку и да го зголеми бројот на корисници. Поточно, на крајот од 2014 година Т – Мобиле имаше 1.197.000 претплатници, што е за 2.000 повеќе во однос на 2013 година.