Македонскиот кириличен домен .мкд регистриран во ICANN

22

Интернационалниот кириличен домен за Македонија (.мкд) е успешно регистриран во Интернет корпорацијата за доделување на имиња и броеви (ICANN).

Извршниот директор на корпорацијата, Фади Шехаде, како што информираат од Министерството за информатичко општество и јавна администрација, упатил честитики и посакал успешна промоција и афирмација на кириличниот домен во меѓународниот Интернет простор.

Со националниот домен (.мкд) ќе можат да се регистрираат веб страници на кирилично писмо, односно ќе бидат опфатени карактеристичните букви од македонската азбука како што се Љ, Њ, Ѓ, Ж, Ч, Ш и Џ.

Македонија е петтата земја во светот која има кирилична верзија на национален домен по Русија, Србија, Казахстан и Монголија. Барањето до ICANN беше поднесено од страна на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет.