Македонските иселеници повеќе да инвестираат во Македонија

30

Развојот на економијата и намалување на невработеноста преку привлекување странски инвестиции кои ќе значат нови работни места е главниот предизвик на Владата во што исклучително значење има активното учество и на македонската дијаспора. Ова го порача премиерот Никола Груевски на средбата со македонските иселеници во Дизелдорф, каде од нив побара поддршка во тој процес.
Посочувајќи дека досега има добри примери на крупни инвестиции кои покажаа дека македонската економија има квалитетни потенцијали и е конкурентна, рече дека цел на Владата е да овозможи инвестициски развој, раст на економијата и развој на трговијата преку конкретни проекти, нови патишта, развој на енергетиката и инвестирање во образованието што е трајна вредност и инвестиција во младите, а што ќе значи и подобар живот и стандард на граѓаните.
На средбата премиерот Груевски истакна дека Владата ги остварува ветувањата и покажа дека преку еден искрен однос може да се остане во контакт и да биде блиска со своите иселеници од државата.
Тој ги повика во средината каде работат и дејствуваат активно да се вклучат во промоција на потенцијалите и предностите што ги нуди Република Македонија во полето на економијата и инвестицискиот развој.
Премиерот заедно со владиниот економски тим ќе ги претстави можностите за инвестирање пред бизнис заедницата во Дизелдорф.