Македонските компании заинтересирани да инвестираат во иновации

22

Македонските компании се заинтересирани да инвестираат во иновациите и да ги прошират своите бизниси, но понекогаш им се потребни финансиски средства кои можат да ги обезбедат преку Фондот за финансирање на иновативни бизниси формиран од страна на Развојната фондација Кримсон и Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), пишува Миа.

Според генералниот директор на Развојната фондација Кримсон, Мајкл Голд, македонските бизнисмени имаат најголем интерес за иновации во прехранбената индустрија, градежниот, ИКТ и енергетскиот сектор.

“Македонските бизнисмени се подготвени да ги прошират своите бизниси и да понудат нови услуги и производи на македонските потрошувачи, меѓутоа честопати тие немаат финансии за опрема, маркетинг итн“, изјави Голд.

Фондот за финансирање на иновативните бизниси, како што посочи директорот на УСАИД, Џејмс Стајн, е целосно самоодржлив и може да се финансира од камати и надоместоци со што се обезбедува можност за постојан развој на малите и на средните претпријатија.

“Главна цел ни е економскиот раст и зголемувањето на вработувањето во Македонија и како УСАИД ќе продолжиме со давањето поддршка во оваа насока“, истакна Стајн.

Фондот за финансирање на иновативни бизниси е специјализиран револвинг фонд во износ од 300.000 долари, наменети за поддршка на иновациите и претприемништвото во Македонија. Од 2012 година кога е формиран Фондот досега се поддржани 12 нови бизниси, а од 2003 година откога е присутна Развојната фондација Кримсон во Македонија поддржани се 400 бизниси.