Македонските спортски ѕвезди со поддршка за Проект Среќа

27

 

Хуманитарната природа на спортот ги спои најголемите спортисти во Македонија за една добра и доблесна цел на акцијата Шампионите за вас, која е во склоп на Проект Среќа и Здраво шампиони, кој трае веќе неколку месеци, а ќе заврши со делење на опремата на крај на август, пред почетокот на школската година.

За време на Шампионите за вас сите кои дојдоа донираа најмалку по 100 денари и за тоа добиваа купон со кој присуствуваа на настанот и се дружеа со спортските ѕвезди кои воедно потпишуваа и топки чија продажба дополнително влегува во донаторската каса.

Кошаркарите Перо Антиќ и Едина Муса, ракометарите Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Филип Кузмановски, рели возачот Игор Стефановски – Иџе и каратистите Дејан Недев и Аљоша Недев се вклучија во проектот и со тоа што донираа дел од своите лични предмети кои ќе одат на онлајн аукција. Дресови носени на европските првенства, златни медали и награди се потпишани и подготвени за наддавање.

За почетокот на аукцијата сите ќе следат дополнителни информирани на официјалната Фејсбук фан страна на Проект Среќа.

Инаку, Проект Среќа соработува со основните и средните училишта и установите кои згрижуваат деца. Досега се пријавени 340 деца и за сите ќе биде обезбедено спортска опрема и чланарина, благодарение на вниманието и трудот кој го овозможуваат македонските шампиони.