
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ја нарече кампањата „Македонско најдобро“ патриотски повик за поддршка на домашното производство. Според него, суштината на иницијативата е граѓаните да се ориентираат кон македонски производи, природни убавини и вредности, со цел поттикнување на економијата и зголемување на самодовербата во домашните ресурси.
„Па „Македонско најдобро“ е патриотска кампања. Македонска кампања, на македонските граѓани, кампања за да сите купуваме македонско затоа што е навистина најдобро. Тоа е суштината на таа кампања.
Да го поттикнеме македонското производство, преработувачката индустрија и јас сум многу среќен, што главен двигател на растот на индустриското производство, понатаму и на домашното производство е токму растот на преработувачката индустрија. Тоа е целта.
Сакаме на граѓаните да им кажеме дека македонското е најдобро. И сите да се ориентираме кон македонското. Сите да си се посветиме на македонските езера, на македонските планини, на македонските села, на македонското вино, сирење, кашкавал, месо, преубави се и сè останато. Еве да се обидеме сите тоа да го правиме и да видите како сè ќе биде поинаку и другите повеќе ќе нè ценат“, истакна премиерот.












