Македонското решение ASAP победник на глобалниот Betapitch инвестициски ден

43

Македонското решение ASAP на старт – ап компанијата Елевејт глобал (Elevate global) е меѓу победниците на инвестицискиот ден (Betapitch Global & Investors Day) на глобалниот старт – ап центар Бетахаус во Берлин, Германија. Компанијата Елевејт глобал освои парична награда од 5.000 евра за ова иновативно решение, коешто претходно победи на првиот Betapitch настан во Македонија, којшто се одржа во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, стои во соопштението.

Елевејт глобал е спин – офф компанија од Универзитетот Св. Кирил и Методиј, којашто креира решенија за предиктивна и прескриптивна анализа на потоци од податоци во реално време (predictive and prescriptive analytics of data-streams in real-time). Решението насловено како ASAP е наменето за фабрики, енергетски компании и компании што нудат комуникациска инфраструктура. Во моментов, ова решение може да извлекува знаење преку брза анализа на сензорски, геолокациски и текстуални податоци.

“Глобалниот Betapitch не е само да се биде на дел од светската старт – ап сцена, туку да се презентира сработеното пред повеќе од 100 стартапи, 300 инвеститори, корпорации и професионалци од индустријата. Претставува добар почеток за отворање канцеларија на Елевате глобал во Берлин, којшто во последно време е ’главен град’ на стартапите во Европа“, вели Александар Стамболиев од Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев.

Локални партнери за Betapitch за Македонија се Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје и Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев. Бетахаус, преку локалните проекти Betapitch патува низ целиот свет, барајќи ги најиновативните старт – ап компании кои може да направат светски производ. Годинава, натпреварот се одржа во 15 различни града во светот а победниците се собраа во Берлин и се натпреваруваа за некоја од главните награди.