Макстил: Новата филтерска постројка ќе се заврши во предвидениот рок

25

makstil nova postrojka

Сите активности во рамки на реализација на проектот Нова филтерска постројка во погонот Челичарница се одвиваат според предвидената динамика и се очекува да бидат целосно заокружени во договорените рокови, стои во соопштението на компанијата Макстил.

“Во овој момент сите активности се реализираат според однапред предвидената динамика и се очекува тие да бидат целосно заокружени во договорените рокови. За потсетување, како што веќе беше претходно соопштено, носител на проектот е италијанската компанија СТГ, специјализирана за проектирање и изведба на вакви системи. Градежните работи ги изведува домашната градежна фирма Бетон, а изработката на челичните конструкции, изработката на цевководниот систем и поголем дел од останатата опрема, заедно со комплетната монтажа, ги работи исто така домашната компанија Факом“, се наведува во соопштението на компанијата.

Со ставањето во функција на оваа постројка, како што се наведува, во целост ќе бидат исполнети најстрогите европски норми за емисии во воздух.

“Според договорот со надлежните институции, производните активности по целата технолошка линија во текот на реализацијата на проектните активности се редуцирани на ниво од 30% од инсталираните капацитетни можности, што значи дека и степенот на емисиите до конечното завршување на проектот ќе биде во значителна мерка ограничен“, наведуваат од Макстил.