Мали тајни на големите супермаркети

163

Големите супермаркети на различни начини се обидуваат да ги привлечат и задржат купувачите. Ниту еден производ, рафт, налепница, цена… не се нашла случајно на своето место во супермаркетот.

Постојат некои трикови коишто не би требало да се земат здраво за готово, туку трговците ги користат за да си ја зголемат продажбата, а тоа го потврдуваат и повеќе истражувања.

Се наоѓате во голем супермаркет, пред вас има 10 каси, но работат само неколку. Тоа не е случајно, туку трговците сметаат дека додека купувачите нетрпеливо чекаат во ред, стануваат импулсивни во купувањето. Па затоа, околу касите се поставени производи коишто најчесто се купуваат импулсивно, а не плански. Такви се мастики, бонбони, чоколади… Колку е подолг редот, толку се поголеми шансите некој од тие производи сосема непланирано да се најде во корпата или количката за пазарување.

Сите каси би можеле да работат само во исклучителни ситуации, како што е на пример, пандемијата, па да не се создава поголема гужва и можност за пренесување на заразата.

Музика и мирис во маркетите, исто така, се трикови што се користат за привлекување на потрошувачите. Додека пазарувате или шетате, ако слушате пријатна музика и во носот ве допира пријатен мирис, тогаш ќе бидете поопуштени и ќе уживате додека купувате, па и да потрошите повеќе од она што сте планирале.

Воопшто не е случајно што лебот, млекото и слични основни продукти, се сместени “подлабоко“ во продавницата. За да стигнете до нив, по пат ќе забележите производи што ќе ви го одвлечат вниманието и ќе ги купите иако сте тргнале само по еден леб или млеко.

Впечатливи бои за налепници со коишто се означуваат намалувања, гратиси, акции… Најчесто се користат жолта или црвена боја за да им се привлече вниманието на потрошувачите и да им се “алармира“ колкаво е намалувањето и тоа да влијае на нивната психолошка одлука да купат.

Фото: Freepik